Болничарката од Клиниката за инфективни болести, која се зарази со конго-кримска хеморагична треска (ККХТ) од 27-годишната жена од Штипско која почина на 30 јули по убод од крлеж, засега е во стабилна состојба, нема крварења, но оваа болест си има еволуција и се следи секој момент, рече денеска прим. д-р Добринка Наунова-Јовановска од Клиниката.
Д-р Наунова-Јовановска појасни дека оваа болест се карактеризира со излачување многу секрет и многу крварења, и дека не се пренесува по воздушен пат, преку аеросоли, како што беше со ковид-19.
„Болничарката била трета смена кога ја негувала пациенткта од Штипско, која имаше многу крварења. На Клиниката носиме заштита, но веројатно при вадење на ракавиците, маската, прснало во очите, во слузницата. Сѐ е можно кога има толкава количина заразен материјал. Таа е веќе 5. ден болна, се следи да не дојде до влошување. За оваа болест е важна супортивна, заменска терапија, да се надокнадува сѐшто се губи. Првите денови од болеста не се така лоши, потоа се влошува и затоа се следи состојбата. Се надеваме дека ќе остане во таква состојба, но ќе видиме“, рече д-р Наунова-Јовановска.
Откако на 30 јули почина жената од Штипско, Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) издаде решенија за изолација за 29 контакти, а само болничарката пројави симптоми. Контактите од првиот позитивен случај се под надзор до 10 август.
Според Рената Младеновска, директорка на ДСЗИ, од контактот со болничарката, издадени се решенија за излоција за уште 11 контакти, 10 членови на нејзиното семејство и колешка од Инфективната клиника. Тие ќе бидат 14 дена под надзор.
„Што подразбира здравствениот надзор: контактите на пациентката ќе треба да се јавуваат и да бидат во постојан контакт со дежурниот епидемиолог од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Скопје Тоа не значи дека треба да бидат во класична изолација, но не треба да бидат во контакт со домашните, за да не се прошири оваа зараза и јас се надевам дека ова ќе биде и последниот случај. Што се однесува до претходните 29 контакти, од нив една, еве, се потврди како случај. Вкупно имаме издадено решенија за здравствен надзор на 40 луѓе“, рече Младеновска на прес-конференција.
Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ за МИА изјави дека нема потреба од паника во врска со новонастанатата состојба со конго-кримската хеморагична треска. Потенцира дека во блиска иднина не се очекуваат нови случаи на конго-кримска хеморагична треска.
„ Комисијата за заразни болести апсолутно стои зад сето она што го прави Институтот за јавно здравје, мерките што се преземаат и препораките што се даваат. Не очекуваме дека ќе има повеќе случаи, но ова не е првпат да се појави ваков вид на болест во земјава, станува збор конкретно за конго-кримска хеморагична треска. Дека се случило во минатото – се случило, дека се појавува во регионот – се случува, дека ќе има такви инциденти – ќе се случи. Но, тоа не значи дека мора да избегнеме нова епидемија, која сериозно ќе го загрози животот и здравјето“, кажа Мехмедовиќ.
Според информациите на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) е широко распространета болест која се пренесува преку крлежи, предизивикана од вирус (Nairovirus) од семејството Bunyaviridae. Вирусот на конго-кримската хеморагична треска предизвикува сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска. Смртноста достигнува и до 40%.
Вирусот се пренесува на човек пред се од крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачевини, органи или други телесни течности на заболените лица. Болеста е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија. Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.
Б. НЕСТОРОСКА