БОЛНИЧАРКА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА СЕ ЗАРАЗИЛА ОД ЖЕНАТА ОД ШТИПСКО КОЈА ПОЧИНА ОД КОНГО-КРИМСКА ХЕМОРАГИЧНА ТРЕСКА ПО УБОД ОД КРЛЕЖ

    БОЛНИЧАРКА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА СЕ ЗАРАЗИЛА ОД ЖЕНАТА ОД ШТИПСКО КОЈА ПОЧИНА ОД КОНГО-КРИМСКА ХЕМОРАГИЧНА ТРЕСКА ПО УБОД ОД КРЛЕЖБолничарката е хоспитализирана на Инфективната клиника, а Одделот за епидемиологија на ЦЈЗ Скопје, формирал екипа за теренски увид. (Фото: СДК.МК)

    Болничарка на Клиниката за инфективни болести во Скопје е заразена со конго-кримска хеморагична треска (ККХТ), а се заразила од 27-годишната жена од Штипско која почина на 30 јули по убод од крлеж, соопшти Министерството за здравство. Оттаму велат дека откако бил потврден случајот со треската кај жената, надлежните здравствени институции постапиле согласно препораките на Светската здравствена организација (СЗО).

    „Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со документирани максимум 14 дена. Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи, промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модрици, како и крварење од носот. Закрепнувањето е бавно“, велат од Министерството.

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) стави под надзор уште 11 луѓе од здравствен ризик за да се спречи ширење на конго-кримска хеморагична треска, откако Министерството за здравство соопшти дека оваа заразна болест е утврдена кај вработенa на Инфективната клиника. Издадени се решенија за надзор за 10 члена на семејството на вработената на Клиниката за инфективни болести, како и за една нејзина колешка. Тие ќе бидат под здравсствен надзор во следните 14 дена. Од ДСЗИ велат дека за првиот случај на заболен беа издадени 29 решенија за надзор, меѓу кои беше и вработената на Инфективната клиника,а сега со новите решенија, вкупно 40 луѓе се под здравствен надзор.

    Стручен тим од Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во соработка со надлежни епидемиолози од Центрите за јавно здравје на Штип и Скопје, направиле  теренско истражување во Клиничка болница Штип, Итна медицинска помош Штип и во семејството на сега почината жена. Стручен тим епидемиолози направиле теренски увид и на Инфективната клиника.

    „На сите овие локации, епидемиолозите направија пребарување на контактите нивно соодветно класифицирање на: лица со висок ризик, лица со среден ризик и лица со низок ризик и лица без ризик. На сите идентификувани контакти проценети со ризик, им без издадени решенија од  Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) и ставени под 14-дневен здравствен надзор, спроведуван од надлежен центар за јавно здравје. Еден од вработените на Инфективна, кој беше како идентификуван контакт со среден ризик, на 9-тиот ден од надзорот, пројави симптоми, и согласно добиените резултати од Одделот за епидемиологија (ЕПИ) на ИЈЗ, е утврден позитивен случај на конго-кримска хеморагична треска“, вели Министерството.

    Билничарката е хоспитализирана на Инфективната клиника, а Одделот за епидемиологија на ЦЈЗ Скопје, формирал екипа за теренски увид која ги спровела потребните активности, односно „ изврши анкетирање на пациентот, ставање под надзор контакти од здравствен ризик со цел спречување од натамошно ширење на болеста“.

    Здравствениот надзор трае 14 дена од последниот контакт со пациентот. Контактите од првиот позитивен случај се под надзор до 10 август.

    Според информациите на Институтот за јавни здравје (ИЈЗ), конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) е широко распространета болест која се пренесува преку крлежи, предизвикана од вирус (Nairovirus) од семејството Bunyaviridae. Вирусот на конго-кримската хеморагична треска предизвикува сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска. Смртноста достигнува и до 40%.

    Вирусот се пренесува на човек пред се од крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачевини, органи или други телесни течности на заболените лица. Болеста е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија. Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.

    На 27 јули во доцните попладневни часови, Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ на телефонски беше известен од Одделението за вирусологија при ИЈЗ, за добиен материјал за тестирање од пациентка од Штип, хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС) во Скопје, во кој е докажан причинител на конго-кримска хеморагична треска. Потврдениот случај на ККХТ беше 27-годишно женско лице од село Кучица, Општина Карбинци, Штип.

    Од ИЈЗ го опишаа случајот:

    „Првичните симптоми на заболување (висока температура до 38,6°Ц, силна главоболка, малаксаност и повраќање) започнале на 21јули. Добиен е податок за каснување од крлеж што се случил 2 дена порано, а кој бил изваден во домашни услови. Пациентката побарала лекарска помош во Клиничката болница Штип каде била хоспитализирана на Инфективното одделение од 23 до 25јули. Поради влошување на состојбата, пациентката е упатена и хоспитализирана на КИБФС во Скопје. Болеста брзо прогредирала и на 27 јули година во вечерните часови пациентката починала, неколку часа откако е потврден резултатот за конго-кримска хеморагична треска. За настанатиот смртен исход, ЈЗУ ИЈЗ на РСМ е известен на 28 јули“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира