СТИГНА ЛЕКОТ ЗА КОНГО-КРИМСКАТА ТРЕСКА, БОЛНИЧАРКАТА ЗАСЕГА Е СТАБИЛНА, ВЕЛИ ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА

    СТИГНА ЛЕКОТ ЗА КОНГО-КРИМСКАТА ТРЕСКА, БОЛНИЧАРКАТА ЗАСЕГА Е СТАБИЛНА, ВЕЛИ ИНФЕКТИВНА КЛИНИКАОд Инфективна клиника денес велат дека од нивните вработени кои беа под медицински надзор ниту еден до сега нема пријавено симптоми на болеста. (Фото: К. Попов)

    Болничарката од Клиниката за инфективни болести која е заразена со конго-кримска хеморагична треска (ККХТ) засега е во стабилна состојба, а вчера пристигна лекот кој е единствен на располагање во тешки клинички форми на болеста, соопшти Клиниката. Болничарката се зарази од 27-годишната жена од Штипско која почина на 30 јули по убод од крлеж.

    „Пациентката, која се инфицираше во тек на својата работа, е стабилна со повремено покачена температура, без други симптоми на болеста. Лабораториските анализи на крвта се следат дневно и се ординира терапија. Во наредните неколку дена, според можниот развој на болеста, очекуваме фаза во која може да се случи влошување на состојбата. Лекот пристигна вчера. Вчера беа реализирани и веб конзилијарни состаноци со колеги кои ја следат оваа болест во светот и имаат огромно искуство“, велат од Инфективна клиника.

    Д-р Добринка Наунова-Јовановска вчера кажа дека болничарката била трета смена кога ја негувала пациентката од Штипско, која имаше многу крварења. На Клиниката, вели таа, сите носат  заштита, но веројатно при вадење на ракавиците, маската, прснало во очите, во слузницата. Сѐ е можно, додаде докторката, кога има толкава количина заразен материјал.

    Откако на 30 јули почина жената од Штипско, Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) издаде решенија за изолација за 29 контакти, а само болничарката пројави симптоми. Контактите од првиот позитивен случај се под надзор до 10 август.

    Од контактот со болничарката, издадени се решенија за изолација за уште 11 контакти, 10 членови на нејзиното семејство и колешка од Инфективната клиника. Тие ќе бидат 14 дена под надзор.

    Од Инфективна клиника денес велат дека од нивните вработени, кои беа под медицински надзор ниту еден до сега нема пријавено симптоми на болест.

    Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ за МИА вчера изјави дека нема потреба од паника во врска со новонастанатата состојба со конго-кримската хеморагична треска. Потенцира дека во блиска иднина не се очекуваат нови случаи на конго-кримска хеморагична треска.

    „Комисијата за заразни болести апсолутно стои зад сето она што го прави Институтот за јавно здравје, мерките што се преземаат и препораките што се даваат. Не очекуваме дека ќе има повеќе случаи, но ова не е првпат да се појави ваков вид на болест во земјава, станува збор конкретно за конго-кримска хеморагична треска. Дека се случило во минатото – се случило, дека се појавува во регионот – се случува, дека ќе има такви инциденти – ќе се случи. Но, тоа не значи дека мора да избегнеме нова епидемија, која сериозно ќе го загрози животот и здравјето“, кажа Мехмедовиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира