Германската влада потрошила речиси 55.000 евра за фризер и шминкање на поранешната канцеларка Ангела Меркел откако таа ја напушти функцијата во 2021 година. Иако не е канцеларка речиси две години, Меркел сè уште добива пари од државата за некои трошоци, според документите до кои дојде „Тагесшпигел“.
Меркел не го задржа нејзиниот долгогодишен стилист по заминувањето од функцијата, туку сега ги користи услугите на берлински моден дизајнер кој работи и како фризер и шминкер. Сојузната влада ѝ плаќа на Меркел за фризури и шминкање на јавни и приватни настани и досега во 2023 година таа сума изнесува 17.200 евра, додека за минатата година била 37.780 евра.
„Надоместувањето трошоци е поврзано со продолжување на официјалните должности, без разлика дали се јавни или приватни“, изјавија од сојузната влада за „Тагесшпигел“.
Растечките трошоци на функционерите за фризури и шминкање предизвикаа сериозни критики во минатото, а претседателот на Асоцијацијата на даночни обврзници Рајнер Холцнагел вели дека ваквите трошоци треба да бидат сведени на минимум и платени од свој џеб.