Западноафриканските држави одобрија вооружена интервенција во Нигер „што е можно поскоро“, рече претседателот на Брегот на Слоновата Коска, по состанокот на кој се разговараше за пучот. На состанокот, лидерите на регионалниот блок ЕКОВАС рекоа дека се согласиле да распоредат воени сили „во подготвеност“. Сепак, не дадоа никакви детали за големината на силите. Нигерискиот претседател Бола Тинубу рече дека употребата на сила ќе биде „последна опција“.
Воена хунта ја презеде власта во Нигер на 26 јули.
По состанокот во ЕКОВАС, Аласане Уатара од Брегот на Слоновата Коска рече дека блокот и порано интервенирал во африканските земји за да го врати уставниот поредок. Уатара рече дека Брегот на Слоновата Коска ќе обезбеди баталјон од 850 до 1.100 војници, ќе бидат распоредени и војници од Нигерија и Бенин.
Абдел Муса, комесарот за безбедност на блокот, изјави дека ЕКОВАС нема да дозволи хунтата да остане на власт за време на преоден период како во Буркина Фасо и Мали. Сепак, тој рече дека хунтата не е подготвена да има директен контакт со ЕКОВАС, што ги отежнува преговорите. САД и ОН велат дека се загрижени за здравјето и безбедноста на сменетиот претседател Мохамед Базум, кој помина повеќе од две недели во домашен притвор.
Водачите на пучистите предупредија дека ќе се бранат од каква било интервенција.
И САД и Франција имаат воени бази во Нигер, кои се користат како дел од напорите за справување со џихадистичките групи во поширокиот регион Сахел. Американскиот државен секретар Антони Блинкен пред два дена изјави дека верува оти руската платеничка група Вагнер ја „искористува“ нестабилноста во Нигер.