Индијана Џонс можеби се плаши од змии, но Харисон Форд сега има вистинска змија именувана според него. Нов вид змија пронајден во Перу го доби името tachymenoides harrisonfordi, во чест на еколошкиот активизам на 81-годишниот американски актер.
Форд, кој е потпретседател на непрофитната група Конзервејшн интернешнал, изјави дека е почестен. По него веќе се именувани и пајак и мравка.
„Научниците продолжуваат да именуваат животни по мене, но тоа секогаш се оние од кои децата се плашат. Не разбирам“, се пошегува Форд, додавајќи дека за разлика од неговиот лик Индијана Џонс, тој сака змии.
Змијата harrisonfordi е пронајдена во националниот парк Отиши во Перу. Не е опасна по луѓето и може да порасне до 40-ина сантиметри.