Руските власти ја обвинија Украина за уште еден напад со дронови на Москва, при што низ деловната област на градот одекна експлозија. Градоначалникот Сергеј Собјанин изјави дека противвоздушната одбрана соборила дрон, чии остатоци паднале во областа Експо Центар, при што е оштетена една зграда.
Руското министерство за одбрана соопшти дека нападот се случил во четири часот по локално време.
„Се активираше противвоздушната одбрана, која ја промени насоката на летот на дронот, кој падна на нестанбена зграда во Краснопресненскаја“, соопшти министерството, алудирајќи на област во која се сместени бројни владини згради.
Експо Центар е голем изложбен простор кој се користи за конференции и конвензии, оддалечен помалку од пет километри од Кремљ.
До почетокот на оваа година Москва беше недопрена од војната во Украина, но во изминатите месеци таа е цел на напади со дронови.