Руската платеничка група „Вагнер“ ќе продолжи да дејствува во Белорусија како образовна организација. Тамошните медиуми објавија дека групата на 4 август била регистрирана како друштво со ограничена одговорност. Местото на регистрацијата одговара со областа каде што се сместени борците на „Вагнер“.
Дел од припадниците на групата преминаа во Белорусија по побуната во Русија во јуни, што беше договорено со посредство на белорускиот претседател Лукашенко. Тие во меѓувреме се стационирале во камп близу Минск и ги обучуваат белоруските сили.
Според државниот регистар на белоруски компании, „Вагнер“ изведува образовни активности во селото Цел, каде што се наоѓа неговата база. На истата адреса е регистрирана и компанијата за недвижности „Конкорд“, која е во стопостотна сопственост на Евгени Пригожин.
По преминувањето на „вагнеровците“ во Белорусија, Лукашенко кажа дека ќе ги држи на око, но ако има потреба, ќе бидат повикани да ја бранат земјата.