Лажењето и кршењето на Законот за основно и за средно образование од страна на Министерството за образование кое ги остави штитениците во Воспитно-поправниот дом „Тетово“ без никаква настава, го натера Народниот правобранител да му пише лично на премиерот Димитар Ковачевски.
Всушност проблемот е уште поголем, бидејќи се работи за кршење на уставно загарантираното право за образование на децата и младите.
Сретнете се сите министри, разгледајте го овој проблем, донесете ги еднаш веќе тие законски измени и воведете макар привремено образование во ВП Дом „Тетово“, бара Одделот за заштита на правата на детето од кај Народниот правобранител на Македонија.
Во информацијата до премиерот, опишано е хронолошки како од 2021 година прекинало и она малку вечерно школо од „Антон Семјонович-Макаренко“, кое беше плаќано со странски пари, а за кои штитениците не можеа да добијат свидетелства, туку само потврда.
„Ваквата состојба е загрижувачка, и претставува повреда на правото на образование, со оглед дека образованието во ВПД Волковија ‘Тетово’ или се реализира само како проект и обуки за штитениците, или тие воопшто немаат никакви образовни активности. Исто така, загрижува тоа што на штитениците им се издаваат Потврди, а не свидетелство како јавна исправа, така што проектното образование во никој случај не може да претставува образовен процес, при што се занемарува фактот дека образованието согласно Устав и Закон е задолжително и треба да е достапно на сите деца/млади, под еднакви услови, без дискриминација по кој било основ“, се предупредува во писмото.
Во 2022 година министерот за образование Јетон Шаќири кажа дека ќе се сменел законот, ќе имало редовна настава за штитениците и место потврди, ќе добивале свидетелства. Но, до денеска од законот нема ни „З“ во Собранието.
„Во текот 2023 година, заради согледување на актуелната состојба со правото на образование во ВПД Волковија, Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива и се обрати до ОУ за возрасни ‘Антон Семјонович-Макаренко’, како и до ЈУ Центар за образование за возрасни, од каде што беше известен дека тие немаат надлежност за обезбедување на настава и вклучување на децата од ВПД во образование, согласно законските одредби“, вели Одделот за заштита на правата на детето.
Народниот правобранител дава 30 дена рок на Владата да воведе настава во ВП Дом „Тетово“, каде таму деца и младинци, сторители на кривични дела, припадници на најранливите семејства во општеството, затворени ја чекаат својата ресоцијализација.
С. К. ДЕЛЕВСКА