Володимир Зеленски изјави дека Украина развила оружје со дострел од 700 километри, ден откако Русија се соочи со најголемиот напад со дронови од почетокот на војната. Тој кажа дека оружјето е производство на украинското министерство за стратешки индустрии, без да наведе детали.
„Имавме успешна употреба на наше оружје со долг дострел: целта беше погодена на оддалеченост од 700 километри“, напиша Зеленски на Телеграм.
Во вчерашниот четиричасовен напад со дронови на шест руски региони беше погоден и аеродром близу границата со Естонија и Летонија, при што биле оштетени четири транспортни авиони „ил-78“. Аеродромот во регионот Псков е оддалечен околу 700 километри од Украина.
Киев досега ретко признаваше дека стои зад нападите на руската територија и последната изјава на Зеленски е најдиректната потврда за тоа. Наводните украински напади зачестија во последните недели и достигнуваат сѐ подлабоко на руската територија.