ПОЧИНА НАСЕ НАСЕВ, ЛЕГЕНДА НА МАКЕДОНСКОТО БОРЕЊЕ

    ПОЧИНА НАСЕ НАСЕВ, ЛЕГЕНДА НА МАКЕДОНСКОТО БОРЕЊЕНасев е најтрофејниот тренер во борење во историјата на македонскиит спорт и учесник на 10 Олимпијади.

    Насе Насев, доајенот на македонскиот спорт и долгогодишен селектор на националниот тим во борење слободен стил, почина денеска во Скопје по кратко боледување. Имаше 80 години.

    Насев, најтрофејниот тренер во борење во историјата на македонскиит спорт, е роден во село Нивичани, Кочанско во 1943, и е еден од основоположниците на македонското борење, поранешен борач и тренер на „Спартак“ од Кочани, долгогодишен селектор на репрезентацијата на поранешна СФР Југославија, а потоа и на независна Македонија.

    Учесник е на десет Олимписки игри, творец на легендите како Шабан Трстена, Шабан Сејдиу и многу други кои ја прославија Македонија и македонското борење, а како спортски директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), под негово раководство во Сиднеј во 2000 година беше освоен првиот медал во самостојна Македонија, Могамед Ибрагимов го освои бронзениот медал.

    За својата работа и ангажман во борењето доби Трофеј и Златен беџ на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК). Во 1997 доби место меѓу великаните на МОК, што претставува посебна чест за секој спортист и спортски работник во земјава. На 23 јуни годинава го доби и највисокото државно признание од претседателот Стево Пендаровски кој го одликуваше со Медал за заслуги за Македонија за траен белег на спортските терени и огромниот придонес за афирмација на македонскиот спорт и држава.

    Тој е татко на драмскиот писател проф. Сашко Насев, кој е директор на Македонскиот културен центар во Софија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира