КИМ ЏОНГ УН ТРГНАЛ СО СВОЈОТ ОКЛОПЕН ВОЗ ЗА ВЛАДИВОСТОК НА СРЕДБА СО ПУТИН

    КИМ ЏОНГ УН ТРГНАЛ СО СВОЈОТ ОКЛОПЕН ВОЗ ЗА ВЛАДИВОСТОК НА СРЕДБА СО ПУТИНСе очекува средбата да се одржи најрано утре (Фото: АП)

    Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го започнал своето патување до Владивосток, каде што ќе се сретне со Владимир Путин. Оклопниот воз што Ким го користи за посети на странство утрово го напуштил Пјонгјанг, објавија јужнокорејските медиуми, повикувајќи се на владин функционер.

    Се очекува средбата да се одржи најрано утре. Руската новинска агенција „Интерфакс“ претходно објави дека се очекува Ким да ја посети Русија во следните денови. Тоа е првото патување на Ким во странство по повеќе од четири години.

    Двајцата лидери веројатно ќе разговараат за можноста Северна Кореја да ѝ обезбеди оружје на Русија за војната во Украина, открија претходно американски функционери. Последната средба Ким-Путин се случи токму во Владивосток во 2019.

    Се шпекулира дека оклопниот воз на Ким содржи најмалку 20 блиндирани автомобили и бидејќи е потежок од вообичаените возови, не може да патува со брзина поголема од 60 километри на час. Затоа се очекува патувањето до Владивосток да трае цел ден.

    Аналитичарите велат дека двете страни имаат интерес од овој состанок. На Русија ѝ треба конвенционално оружје, особено артилериски гранати, а Северна Кореја во замена би добила храна и суровини.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира