Торба полна „крвави пари“ беше оставена пред Владата на вториот „Протест против организираниот криминал на Онкологија“. Во присуство на значително помал број луѓе од минатиот пат, преку транспаренти и скандирања беа побарани одговорност, оставки и правда за жртвите.
„Да ја трансформираме нашата болка во достоинствена борба за подобро утре, мирно и достоинствено да кажеме жестоко ‘не‘ во земја која е на фрагилни нозе и да изградиме вредност на почит кон секој еден живот“, кажа еден демонстрант, чија мајка починала од рак пред три години.
Во друг говор беше најавено дека протестите ќе зачестат и ќе се радикализираат доколку во скоро време не се исполнат одредени барања, кои беа опишани како ултиматум.
„Имате ли барем трошка грижа на совест за ова што ни го правите со Онкологија? Заработувате на мизеријата на нашите најмили, луѓе кои нема ништо повеќе да изгубат освен својата надеж за живот. До кога мислите дека ќе избегнувате одговорност? Лавината која е предизвикана повеќе не може да се запре. Не доставуваме барања, туку ултиматум: ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела, истрага за вмешаноста на поранешниот министер за здравство Венко Филипче и бившиот директор на Онкологија, Нино Васев, правосилни судски пресуди за сите вмешани во злосторствата и криминалот на Онкологија и вклучување пациенти од Онкологија во самата истрага. Ако и понатаму не се преземе ништо, ќе почнеме да ги окупираме нефункционалните институции“, кажа еден говорник.
Иако директен повод за протестот беше криминалот на Онкологија, беше истакнат и случајот на петгодишната Јана Христовска, која почина на 22 март по примената инфузија во Клиничката болница во Битола.
Г. КОНЕВ