Потребни се заштита и мониторинг на Охридското Езеро, но не и за газда кој ќе управува со него, реагираа граѓанските здруженија од Охрид и Струга на денешната јавна расправа за нацрт-законот за негово прогласување за споменик на природата, со кој ќе управува Јавно претпријатие за управување со заштитеното подрачје-споменик на природата Охридско Езеро, основано од Владата. Велат дека Охридското Езеро е јавно добро заштитено од природен и културен аспект и нема да дозволат формирања јавно претпријатие, кое, како што велат, ќе биде со партиски луѓе и партиски интереси.
„Со овој нацрт-закон сакаат на мала врата да наметнат газда. Го ставаме езерото на продажба. Сите јавни претпријатија работат со долгови. Ќе земат утре кредит од 10 милиони евра од некоја светска банка и залог ќе биде езерото. Тоа јавно претпријатие ќе биде предмет на криминали и корупција. Езерото е национално богатство, државно не смее да има газда “, вели граѓанскиот активист Никола Киселинов.
Според него, за грижата и заштитата постојат надлежни институции, како Завод и Музеј и Хидробиолошки завод и закони, но истите не се спроведуваат.
„Министерството за животна средина не е способно да го заштитува езерото. Има околу 10 закони кои го штитат Охридското Езеро, но не се способни да ги имплементираат и измислуваат некој нов закон. Ние бараме функционирање на институциите, ништо друго“, додава Киселинов.
Директорката на Хидробиолошкиот завод од Охрид, д-р Орхидеја Тасевска, смета дека во период кога се прават напори Охридското Езеро да го зачува статусот на УНЕСКО, неговото прогласување за споменик на природата е од големо значење. Според неа, на ваков начин управувањето со Охридското Езеро се става во законски рамки.
„Самиот нацрт-закон предвидува оформување на едно тело кое ќе ги спроведува препораките на менаџмент-планот за заштита, што досега беше хендикеп, а ингеренциите беа префрлувани од една на друга страна, дали локално или централно ниво. Чинот на управување не е само следење на состојбата и препораки за заштита. Тука влегуваат и административни процедури, стратегија за туризам, комунални дејности. Тоа е комплексна задача. Ние имаме капацитет како научна установа, но не и за да се носиме со еден таков предизвик. Секако, ќе настојуваме да бидеме вклучени со наши преставници во сите тела кои Јавното претпријатие ќе мора да ги оформи“, вели Тасевска.
Според Васил Анастасовски, претседателот на Друштвото за заштита на природата на Македонија, Охридското Езеро 20 години нема субјект за управување како би се заштитило.
„Имавме засилена урбанизација, депонии, дивоградби, една хаотична состојба. Предноста сега е што ќе се формира Јавно претпријатие за управување со Охридското Езеро, а според Законот за природа, ќе мора да се формира и чуварска служба“, вели Анастасовски.
Според нацрт-законот, Јавното претпријатие ќе биде задолжено за мониторинг на состојбата со природните вредности, воспоставување режим на заштита, спречување штетни активности од физички и правни лица, одржливо користење на природното богатство, создавање услови за развој на туризмот во согласност со принципот на одржлив развој, остварување на културни, научни, образовни и рекреативни цели кои во исто време ја одржуваат природната состојба на паркот на природата, проучувања и истражувања, поттикнување на научно-истражувачката работа, издавање на информативен и пропаганден материјал, како и за подигање на јавната свест за заштитата на паркот на природата, особено во воспитно-образовниот процес.
Со донесувањето на Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата ќе се овозможи зачувување на природната состојба на езерото преку заштита на природните, културните и други вредности како единствен природен феномен во светот, спречување дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, како и одржливо користење на природните ресурси.
Строго се забранува внесување на алохотни растителни и животински видови во езерото, штетни материи кои би можеле да предизвикаат хемиски, физички, биолошки, микробиолошки и други промени во водата и живиот свет, испуштање нафта и отпадни масла од пловните објекти, внесување непрочистени отпадни води од населените места и индустриските капацитети, сечење стебла и трска и палење оган во крајбрежниот појас, уништување на природните живеалишта, поставување капацитети за одгледување риби за комерцијални цели, изградба на бетонски и камени ѕидови со кои би се прекинала природната комуникација меѓу езерото и крајбрежниот појас, како и изградба на објекти од траен карактер на 50 метри од крајбрежниот појас.
С. ВРЕНЦОВСКА