МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА ГИ РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРКАТА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА ТИНА ИВАНОВА И УПРАВНИОТ ОДБОР

    МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА ГИ РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРКАТА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА ТИНА ИВАНОВА И УПРАВНИОТ ОДБОРИванова (во средина) на 12 април одржа прес со членовите на Управниот одбор на кој ја обвинија министерката за култура за хаосот со Џез-оркестарот. (Фото: СДК.МК)

    Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја разреши директорката на Филхармонијата, Тина Иванова, а за в. д. директор е поставен виолинистот Даниел Лазаровски, соопшти денеска Министерството за култура. Иванова и целиот Управен одбор на Филхармонија се разрешени поради несовесно работење, кои ги утврдила Комисија од Министерството за култура, по извршениот увид на 6 септември.

    „Скандалозно и запрепастувачки е да се увиди како досегашната директорка ја водела НУ Филхармонија“, вели Министерството.

    Во документацијата на Филхармонијата се константирани бројни законски повреди и неусогласености во работењето.

    „Од документацијата и направените записници се заклучува дека директорката Иванова постапувала несоодветно, несовесно, неекономично, неуредно, ненавремено и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија. Одговорното лице на установата склучувало договори кои самото не ги испочитувало и прекршен е Правилникот на установата кој го донел Управниот одбор“, вели Министерството.

    Кавгата меѓу Костадиновска-Стојчевска и Иванова стана јавна кога директорката застана зад Синдикатот на Филхармонијата и Оркестарот, откако на 31 март 108 вработени од Филхармонијата потпишаа петиција против одлуката на Владата и рекоа дека не сакаат да го делат објектот со колегите од новоформираниот Национален џез-оркестар, иако пола од новиот оркестар се вработени музичари во Филхармонијата.

    Синдикатот на Филхармонијата три месеци организираше протести пред Владата и пред Министерството за култура, а музичарите на концертите во знак на протест носеа жолти, па црвени ленти. Во оваа кампања, музичарите на Филхармонија бараа и оставка од министерката за култура.

    Најавувајќи го решението за новиот простор на Џез оркестарот, министерката Костадиновска-Стојчевска на прес конференцијата на 20 јуни кажа дека очекува „извинувања кон јавноста и публиката од директорката и Управниот одбор кои свесно манипулираа со врвни музичари, но и со авторитети од светот на културата, убедувајќи ги дека јас и оваа Влада сакаме да ја земеме зградата на Филхармонија и воедно свесно ги изложија на критики од јавноста како нетрпеливи и безобзирни домаќини“. Но, не доби извинување од директорката Иванова ниту од Управниот одбор на Филхармонијата.

    Во денешното јавно обраќање до медиумите, Иванова вели дека не е разрешена од функцијата поради несовесно работење како било наведено во министерката, туку дека причината е што како директорка, застанала на страната на колективот и на страната на институцијата.

    Министерството за култура, пак, го отфрли ова тврдење на Иванова како инсинуации и невистини.

    „Потенцираме дека Тина Иванова и Управниот одбор на Филхармонијата, се разрешени исклучиво поради низа откриени неправилности при работењето и раководењето на институцијата. Министерството за култура ги отфрла сите инсинуации на досегашната директорка на Филхармонија, Тина Иванова, како целосно произволни, неточни и најблаго речено, невистинити. Националната филхармонија е гордост на нашата држава и на македонската култура и како врвна национална установа, мора да биде водена професионално“, соопшти Министерството за култура.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира