10 ДЕЦА ПОД ИСТРАГА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ЗА ДРОГА, ШВЕРЦ НА МИГРАНТИ, ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ, ТРГОВИЈА СО ДЕТЕ, НО И ЗА ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ

    10 ДЕЦА ПОД ИСТРАГА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ЗА ДРОГА, ШВЕРЦ НА МИГРАНТИ, ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ, ТРГОВИЈА СО ДЕТЕ, НО И ЗА ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕВо 2022 година до основните јавни обвинителства биле поднесени кривични пријави против 1.006 деца. - Од полициска акција за заплена на дрога и оружје (Фото:МВР/принтскрин)

    Деца влегоа во истрагите на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Дел од нив учествувале и во трговија со луѓе, но и во трговија со малолетно лице, или во принудување на проституција на малолетно лице.

    Во 2022 година до основните јавни обвинителства биле поднесени кривични пријави против 1.006 деца, што во вкупен обем на работа по кривични пријави против познати сторители на кривични дела претставува учество со 5%.

    Во текот на годината јавните обвинителства постапувале и по кривични пријави од претходната година против 115 деца, така што во работа имале пријави спрема вкупно 1.121 дете.

    „Кога станува збор за тежината на кривичните дела сторени од малолетници, треба да се наведе дека во 2022 година против 10 деца во судир со законот постапувало Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Децата биле дел од организирани криминални групи и сториле кривични дела и тоа: едно од чл. 215 ст.3 од КЗ – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, додека останатите се товарат за кривично дело Криумчарење на мигранти (418-б од КЗ), две од нив и за Злосторничко здружување (чл.394 од КЗ), а две за Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење мигранти (чл.418-в од КЗ)“, стои во Годишниот извештај на обвинителството.

    Од вкупниот број кривични пријави по кои е постапувано во 2022 година решени се пријави спрема 989 деца или 88,2%, а на крајот на годината останале во работа спрема 132 деца.

    Од вкупниот број решени пријави спрема 353 деца или 35,7 % се отфрлени кривични пријави, а спрема 600 деца или 60,7 % поднесени се барања за подготвителна постапка. Подготвителна се вик всушност истражната постапка во овие постапки против деца – сторители на криминал.

    Против 5 деца донесен бил директен предлог за санкција.

    Ако се погледне структурата на отфрлени кривични пријави, спрема 116 деца или во 33% од случаите пријавите се отфрлени бидејќи се работи за кривично неодговорни деца до 14 години возраст, а за другите 237 деца отфрлени се по основ на начелото на опортунитет и други основи.

    Против 600 деца лани биле поднесени барања за поведување на подготвителна (истражна) постапка.

    Јавните обвинители постапувале и по нерешени подготвителни постапки од претходната година против 301 деца, така што вкупно во работа имале подготвителни постапки спрема 901 дете.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира