ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ОСТАНУВА НА ЛИСТАТА ЗА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКО

    ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ОСТАНУВА НА ЛИСТАТА ЗА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКОВо март година граѓанските организации реагираа дека извештајот за состојбата со природното и културно наследство на Охридскиот Регион испратен до УНЕСКО не одговара на реалната ситуација. (Фото: СДК.МК)

    Охридскиот Регион останува на листата за светско наследство на УНЕСКО. Одлуката беше донесена на 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржува во Ријад, Кралство Саудиска Арабија, соопшти министерката за култура Костадиновска-Стојчевска која заедно со инистерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова присуствуваа на сесијата.

    Според соопштението, Костадиновска-Стојчевска вчера во обраќање за време на сесијата на Комитетот, искажала благодарност што Комитетот ги уважил заедничките напори на Македонија и Албанија за зачувување на престижниот статус на светско наследство.

    Таа нагласила дека експертските тимови на двете држави го изготвија Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план, и рекла дека тоа е значаен чекор во детектирањето и справувањето со факторите кои имаат негативно влијание врз вредностите на Регионот, што е позитивно оценето и од Комитетот за светско наследство и нотирано и во Одлуката од сесијата на Комитетот во Ријад.

    Останува престижниот статус, но остануваат и препораките за негово зачувување. Препораките не се лесни и нивното реализирање бара наше целосно внимание. За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските, централната власт и локалната самоуправа и установите и граѓаните. Впрочем, обврските се точно адресирани. Многу работи од препораките ги имаме почнато, но останува нивната целосна реализација. Треба постојано да го имаме предвид фактот дека нашето непостапување по препораките ќе биде причина за впишување на Охридскиот Регион на листата на светско наследство во опасност“, кажа Костадиновска-Стојчевска.

    Министерката Шукова изразила благодарност што Комитетот ги призна напорите направени од Македонија и затоа го обезбеди потребното време да се продолжи со значајни чекори кон заштитата, зачувувањето и одржливото управување со Охридскиот Регион.

    Работејќи заедно со Република Албанија, ние сме решени да го направиме управувањето со овој регион пример за соработка, да ги обезбедиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион и да го пренесеме на следните генерации. Заштитата на природата и на биодиверзитетот остануваат наша цел, како што е донесувањето Закон за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природата и нов Закон за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III – Споменик на природата“, кажа министерката Шукова.

    Во март годинава, граѓанските организации од Охрид, Струга и Поградец реагираа дека извештајот за состојбата со природното и културно наследство на Охридскиот Регион испратен до УНЕСКО не одговара на реалната ситуација.

    Извештајот е обичен копи-пејст, направен и поднесен до УНЕСКО. Многу аспекти од овој извештај не се точни и не кореспондираат со реалната ситуација. Неконтролираната урбанизација е спомната со четири реченици, иако е голем проблем во Националниот парк Галичица, а некојси црвен елен се појавува на половина страна. Значи, урбанизацијата е занемарена. Има и точни работи кои се спомнати, но има и големи пропусти, со цел да се оддалечи вниманието на јавноста од овие проблеми“, изјави Никола Киселинов од туристичката асоцијација „Билјана“ од Охрид.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира