Кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу, кој не се појавил во јавност повеќе од две недели, се наоѓа под истрага на кинеските власти, изјавија добро упатени извори. Таа е поврзана со набавка на воена опрема, кажаа извори од безбедносните служби и кинеската војска.
Истрагата против Ли, кој беше назначен за министер во март годинава, и осуммина други воени функционери ја води моќната дисциплинска комисија на војската.
Генералот Ли Шангфу последен пат беше виден на 29 август, кога одржа говор на Кинеско-африканскиот мировен и безбедносен форум. Годишната средба со претставници на виетнамското министерство за одбрана, што требаше да ја предводи Ли, беше откажана во последен момент минатата недела.
Исчезнувањето на Ли следува само два месеца по ненадејната смена на министерот за надворешни работи Кин Ганг, кој исто така претходно не беше виден во јавност две недели.