ПРЕЛЕТИ И АКРОБАЦИИ НА АВИОНИ ЗА 100 ГОДИШНИНАТА НА МАКЕДОНСКАТА АВИЈАЦИЈА

    ПРЕЛЕТИ И АКРОБАЦИИ НА АВИОНИ ЗА 100 ГОДИШНИНАТА НА МАКЕДОНСКАТА АВИЈАЦИЈА

    Со атрактивни прелети, акробации и со учество на 30-ина авиони од земјава и странство, на спортскиот аеродром „Стенковец“ денеска се одржа голем аеромитинг, со кој беа одбележани 100 години авијација во Македонија, додека падобранци го развиорија најголемото македонско знаме во воздух. Настанот го организираше аероклубот „Скопје“, основан во 1923 година.

    Посебна атракција беа двата суперсонични авиона „миг-29“ на српското воено воздухопловство.(Фото: Ѓ.Личовски)

    На настанот беше изложено и првото летало произведено во Македонија – едрилицата „илинденка“, која првиот лет го имала во 1955 година. „Илинденка“ е произведена во фабриката „20 Мај“ во Скопје според проект на српскиот инженер Милош Илиќ и со неа репрезентацијата на СФРЈ настапила на Светското едриличарско првенство во Полска во 1958. Таа беше донесена од Белград, имајќи предвид дека е изложена во тамошниот Воено-технички музеј. По тој повод, меѓу гостите на аеромитингот беше и српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

    Падобранци го развиорија најголемото македонско знаме во воздух. (Фото: Ѓ.Личовски)

    „‘Илинденка‘ отворила пат за создавање серија вакви едрилици, кои биле испратени ширум Југославија и се вбројувала меѓу најдобрите во светот“, кажа премиерот Димитар Ковачевски.

    Претседателот на аероклубот „Скопје“, Дејан Саздовски, кажа дека зачетокот на македонското воздухопловство е поврзан со целата бивша Југославија, со една мала група ентузијасти, поддржани од централната влада во Белград.

    Ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување со кои се гаснат пожарите во земјава. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Специјални гости на јубилејот беа авиони на воздушните сили на Србија, Италија и Грција, а посебна атракција беа двата суперсонични авиона „миг-29“ на српското воено воздухопловство.

    Српските воздухоплови. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира