„Ми се исполни големата желба да ја видам кога едрилицата „Илинденка“ повторно во Македонија, вели пилотот Ѓорѓи Чачкиров, кој е и хроничар на македонското воздухопловство. „Илинденка“ беше изложена на спортскиот аеродром во Стенковец минатиот викенд за време на авио шоуто што по повод 100 години македонска авијација го организираше аеро клубот „Скопје“.
Чачкиров за идејата и заложбите „Илинденка“ да се донесе во Скопје зборуваше за САКАМДАКАЖАМ.МК уште во 2019 година.
Едрилицата е донесена директно од депото на Воздухопловниот музеј во Белград, на барање и со ангажирање на раководството на аероклубот „Скопје“, а во директни договори на македонската и српската влада и министерствата за одбрана.
Во Скопје беше реставрирана и изложена пред посетителите на 16 септември, во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од основањето на скопскиот аероклуб.
Оваа едрилица летала главно на просторот на Србија. Според Чачкиров, „илинденка“ е првата македонска високоспособна воздухопловна едрилица од стандардна класа. Произведена е во единственото воздухопловно претпријатие во некогашна СР Македонија, „20 Мај“ во Скопје, кое подоцна стана „Алумина“.
Конструктор на едрилицата бил инженерот Мирослав Илиќ, кој ја проектирал на барање на директорот на претпријатието и бард на македонското цивилно воздухопловство Љубомир Тевчев.
„Илинденка“ е произведена во 1955 година, кога е и тестирана на стариот скопски аеродром. Пробен пилот бил скопјанецот Славко Димитровски, кој потоа стана професионален пилот.
Изработена е по принципот на дрвена конструкција со платнена оплата и метални носечки и управувачки елементи. Растојанието на крилата изнесува 15 метри, должината на трупот е 7,027 метри, а најголемата височина, кај вертикалниот стабилизатор, изнесува 1,51 метар. Тежината на празна едрилица е 235, а максималната полетна тежина 335 килограми. Минималната брзина при летање е 63 км/ч, а максималната 200 км/ч.
Едрилицата ја достигна својата слава со учеството на Светското едриличарско првенство во Полска во 1958. Беше дел од репрезентацијата на СФРЈ заедно со едрилицата „метеор“ и се пласираше на осмото место во својата класа.
Г. КОНЕВ