ПИЛОТОТ ЃОРЃИ ЧАЧКИРОВ ЌЕ ЈА ВРАЌА ОД БЕЛГРАД ПРВАТА МАКЕДОНСКА ЕДРИЛИЦА „ИЛИНДЕНКА“

    ПИЛОТОТ ЃОРЃИ ЧАЧКИРОВ ЌЕ ЈА ВРАЌА ОД БЕЛГРАД ПРВАТА МАКЕДОНСКА ЕДРИЛИЦА „ИЛИНДЕНКА“Пилотот Ѓорги Тосков-Жоро пред пробниот лет со „илинденка“ (лево); конструкторот Љубомир Тевчев во чија фабрика „20 Мај“ е произведена едрилицата во 1955 (десно) (Фото: од архивата на Ѓорѓи Чачкиров)

    Пилотот и хроничар на македонското воздухопловство Ѓорѓи Чачкиров ќе ја враќа во Скопје првата македонска едрилица „илинденка”, која сега се наоѓа во белградскиот Музеј на воздухопловство. Во овој Музеј има два примероци на оваа едрилица, која се произведуваше во Скопје пред 65 години.

    Тој подготвува книга и собира документи и фотографии за првото и единствено македонско воздухопловно претпријатие, „20 Мај“ од Скопје, како и за производството на воздухопловни едрилици, во кои спаѓа и „илинденка“.

    Чачкиров вели дека некогашниот Музеј на југословенското воздухопловство, сега Воздухопловен музеј, по одлука на српската влада минува во надлежност на Министерството за одбрана на Србија. Музејот моментално е во лоша состојба.

    „Јас лично би сакал Министерството за одбрана на Србија да вложи максимални напори за негова ревитализација и да ги врати неговите сјај и значење”, вели Чачкиров.

    Според него, во депоата на овој Музеј се наоѓаат и две едрилици од типот „илинденка“, со регистрации YU-4108 и YU-4109, кои не се реставрирани и чекаат некое подобро време.

    „Сметам дека е време Македонија да направи напори и барем една од овие две „илинденки“ да врати дома. Искрено се надевам дека надлежните во Србија, со соодветен надомест, би отстапиле барем една едрилица и би помогнале во процесот на нејзината реставрација. Со тоа, Македонија би вратила вреден спомен на воздухопловното претпријатие ‘20 Мај‘ и на производството на едрилицата ‘илинденка‘. Еден од основачите на ова претпријатие бил доајенот и основоположник на македонското цивилно воздухопловство Љубомир Тевчев, а конструктор на едрилицата бил инженерот Милош Илиќ”, вели Чачкиров.

    Д. ЧУБРИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари