Пензионери од повеќе градови од државава денеска, на Меѓународниот ден на пензионерите – 20 Септември, излегоа на протест пред зградата на Владата. Со транспаренти „18.000 денари минимална плата“, “Имаме право на достоинствен живот“ тие побараа оставки од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Пензионерите бараат линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари и минималната пензија да биде 18.000 денари.
Преку соопштение денес свои барања доставија и од Пензионерскиот синдикат од каде велат дека прва работа која треба да се направи е нивелирање на пензиите, а потоа да се усогласат останатите пензии согласно порастот на минималната пензија.
„Сметаме дека измената на член 37 од законот за пензиско и инвалидско осигурување, согласно кој усогласувањето на пензиите се прави врз основа на движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50% е добра основа за понатамошно усогласување на пензиите. Во одредени земји минималната пензија е поставена на 45% од нето исплатена просечна плата и истото се залагаме да биде пракса и кај нас“, велат од Пензионерскиот синдикат.
Согласно податоците од Државниот завод за статистика и ПИОМ за месец јуни минималната пензија изнесува 12.493 денари или 34 проценти од просечната нето исплатена плата. Просечната пензија која во овој момент е помала од минималната плата (19.106 ден) од синдикатот предлагаат да биде 60% од просечна нето исплатена плата, односно истата да изнесува 21.916 ден.
А. АНТЕВСКА