По првата фаза која беше спроведена во изминатите години во скопската населба Лисиче, во наредниот период соодветни мерки за справување со загаденоста на воздухот ќе бидат имплементирани и во општините Кавадарци, Гостивар, Куманово, Струга и Струмица. Проектот е финансиран од владата на Шведска преку тамошната Агенција за меѓународна соработка со 2.284.309 долари, како и со 25.000 долари од Програмата за развој на Обединетите нации и дополнителни средства од општините.
„По мониторингот на загаденоста на воздухот што ќе се спроведе во петте општини, ќе се направи прецизна анализа за определување на уделот на изворите на загадувањето. Овој мониторинг ќе се спроведе со најсовремена опрема и по светски признати научни стандарди кои се применуваат во најразвиените земји во светот, а ќе го реализира лабораторијата ‘Амбикон‘ од Универзитетот ‘Гоце Делчев‘ во Штип“, соопштија од УНДП.
Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин, информираше дека Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида) продoлжува да и помага на Северна Македонија да се справи со предизвиците во заштитата на животната средина, со посебен акцент на проблемот со загадувањето на воздухот и управувањето со отпадот.
„Денешниот настан ја демонстрира важноста на соработката помеѓу сите сегменти на општеството, а воедно нѐ потсетува дека борбата против загадувањето на воздухот не е само еколошки предизвик. Таа содржи и елементи на заштита на јавното здравје, социјална правда и одржлив развој. Доколку ги мобилизираме сите средства кои ни стојат на располагање, ја имаме моќта заедно да го надминеме овој предизвик и да го трасираме патот кон посветла и поздрава иднина за сите граѓани “ – изјави Ларсон Џаин.
Таа сподели искуства од својата земја, посочувајќи го примерот на Гетеборг, каде што топлината што ја испуштаат индустриските капацитети се претвора во топлотна енергија, а за намалувањето на штетните емисии е воведен целосно електричен превоз.
Претставникот на ООН во Македонија, Армен Григорјан, кажа дека истовремено ќе се врши мониторинг на загаденоста и во затворен простор, што ќе се спроведе во две училишта во секоја од петте општини.
„Ќе се мери загаденоста не само со ПМ честичките, туку ќе се утврдува и анализира и присуството на епидемиолошки, бактериолошки и органски компоненти. Оваа програма ќе се спроведе во две фази: првата ќе биде реализирана надвор од грејната сезона, а втората во текот на грејната сезона, јануари-март. На крајот од имплементацијата на проектот ќе се утврди колкава финансиска помош ќе добие секоја од општините“, вели Григорјан.
Ректорот на Универзитетот во Штип, Дејан Мираковски, кој раководи со лабораторијата, истакна дека загадениот воздух во затворен простор може да биде неколкукратно поопасен за здравјето на луѓето од надворешниот загаден воздух.
Проектот ќе трае до 2026 година.
Т. ЈОВАНОВСКИ