Придонесот на грчкиот архитект и планер Константинос А. Доксијадис во обновата на постземјотресно Скоје е во фокусот на изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“, што се отвори синоќа во Музејот на современа уметност (МСУ).
Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од Обединетите нации, кои го водеа процесот за обнова на Скопје. Архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија и деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, зборовите и размислувањата, придонесоа во изработката на Основниот план за обнова на Скопје.
Изработениот Основен план го отвора патот кон градежниот бум што ќе следи во Скопје кон крајот на 1960-тите и 1970-тите години, претворајќи го „градот на меѓународната солидарност“ во една од престолнините на доцно-модерната архитектура и планирање.
Изложбата се одржува 60 години по катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 26 јули во 1963, а целта е да се обнови приказната за обновата на градот, и меѓудругото изложени се и исечоци од весникот „Нова Македонија“ од дента по катастрофата.
Во Скопје е поставена пет години откако за првпат беше претставена во музејот Бенаки во Атина. Концептуално е збогатена со уметнички дела од колекција на Музејот на современата уметност во Скопје, кои се подарени од грчки уметници.
Автори и куратори на изложбата се Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос во соработка со истражувачкиот тим во кој се Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Христос Георгиос Критикос.
Изложбата ќе биде отворена за посета до 20 јануари, 2024.
М. ЏАРОВСКА