ХРВАТСКА ПЛАНИРА ТУРИСТИЧКИ ДАНОК КОЈ ЌЕ СЕ ТРОШИ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

    ХРВАТСКА ПЛАНИРА ТУРИСТИЧКИ ДАНОК КОЈ ЌЕ СЕ ТРОШИ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНААктивистите алармираат на штетите од масовниот туризам: нема доволна инфраструктура за отстранување на отпадот, илегални градби и цели населби кои преку лето се издаваат за престој на туристи и потоа со месеци се празни, и приватизација на плажите поради што населението го губи пристапот до крајбрежјето. (Фото: Пиксел)

    По пристапувањето во еврозоната и во Шенген на почетокот на годинава, Хрватска доживува наплив од туристи. Но, растечката популарност на земјата има и негативни последици.

    Хрватска забележала 27,3 милиони ноќевања од јануари до крајот на јуни. Приходите од туризмот годинава веројатно ќе ги надминат оние од досега рекордната 2019, велат од Министерството за туризам. Главна причина за ваквиот тренд е пристапувањето на Хрватска во Шенген-зоната, со што за повеќето туристи отпаѓаат граничните контроли. Освен тоа, наместо куната, сега официјална валута во земјата е еврото, што исто така им го олеснува престојот на туристите.

    „Во споредба со претходните години и времето пред пандемијата, во првата половина од 2023 година забележан е пораст на туристите”, вели портпаролот на Министерството.

    Тоа пред сѐ се должи на патувања во градовите и викенд престој, кој е олеснет за туристи од околните Шенген-земји. Уште во изминатите години туризмот придонесуваше за 20 проценти од хрватскиот БДП и стана клучен економски фактор, особено во приморските региони.

    Властите се свесни и дека новата ситуација носи и нови проблеми, како на пример неодамнешните тужби поради порастот на цените, но од Министерството за туризам велат дека тоа помалку се должи на промената на валутата, а повеќе на глобалната инфлација. Анализите покажале дека цените се пораснати и во други региони на Средоземјето, кои многу подолго се во еврозоната.

    „За жал имаше и случаи кога воведувањето на еврото беше злоупотребено за зглемување на цените”, се вели од министерството и се посочува дека властите ја следат таквата пракса и дека во Хрватска, на пример, и натаму бензинот има најниска цена во села ЕУ.

    Јасно е дека растечката популарност на земјата со своите 1.880 километри долго крајбрежје, повеќе од 600 острови и туристички места како Дубровник, има и своја темна страна. Не изостануваат негативните последици од масовниот туризам, како во Истра на северот, каде што има најголем број на туристи.

    Критика за таквиот развој има на пример и од организацијата за заштита на животната средина „Зелена Истра“. Проблемите, според нив, се недоволна инфраструктура, на пример за отстранување на отпадот, илегални градби и цели населби кои преку лето се издаваат за престој на туристи и потоа со месеци се празни, па сѐ до приватизација на плажите поради што населението го губи пристапот до крајбрежјето, појаснува Дуња Мицков. Вештачкото „разубавување“ на плажите, според Мицков, е исто така проблем, при што се мисли на случаи кога на пример во каменести предели се носат насипи од песок за да се олесни користењето од туристи. Загубата на биолошката разноликост, загадувањето на воздухот, на морето и на водата за пиење се само дел од последиците на масовниот туризам.

    „Но, кој води сметка за тоа? Кому му е грижа? Сѐ се одвива толку брзо. Реакција на контролните инстанци нема, а нема ни казни за оние кои не ги почитуваат правилата”, вели Мицков.

    И во организацијата за заштита на животната средина „Сонце“ бараат начини како во иднина туризмот би можел да се развива за да биде одржлив.

    „Хрватска изминатите години доживеа значителен пораст на туризмот“, вели портпарол на организацијата.

    Од таму велат дека е голем предзвик големата навала на туристи да се хармонизира со зачувувањето на природните ресурси и на културното наследство. Владата во Загреб го поддржува нивниот проект „Зелена Далмација“ за сертифицирање на посебно одржливите туристички сместувалишта во регионот.

    Очигледно властите увиделе дека тоа нема да е можно без поголеми мерки, поради што владата сега планира обемен Закон за туризмот, кој треба да го насочува развојот врз основа на објективни параметри. Покрај други мерки, планиран е и туристички паушал кој треба да се користи за животната средина. Таквиот туристички данок ќе се воведе исклучиво во региони кои страдаат од негативните последици на туристичкиот бум. Воведувањето не се планира пред 2025 година.

    „Масовен туризам дефинитивно не е нашата цел“, се вели во Загреб. Сепак таму се среќни поради растечкиот број на туристи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира