Премиерот Димитар Ковачевски денеска кажа дека на следните претседателски избори кои ќе бидат напролет победник ќе биде кандидатот на таканаречената „европска коалиција“ од која дел е неговата партија СДСМ. Тој не одговори директно дали СДСМ ќе има заеднички претседателски кандидат со ДУИ како што пред неколку дена најави лидерот на партијата Али Ахмети.
„На следните претседателски избори, кандидатот на Европската коалиција, на концепцијата и политичките партии кои се залагаат за интеграција на Северна Македонија во ЕУ ќе биде победничкиот кандидат и ќе биде избран за претседател на државата. А подоцна, на парламентарните избори коалицијата која е за европска Македонија ќе ја формира повторно следната влада во државата. А во однос на конкретниот настап на изборите тоа останува да биде дел од еден коалициски договор кој се прави врз основа на програма, кој се прави врз основа на коалициско усогласување и врз основа на усогласување на систем на вредности од повеќе коалициски партнери, но ниту една опција не е исклучена во тој дел,“ изјави Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата за намалување на цените на пивото и безалкохолните пијалоци.
Ковачевски додаде дека во земјава постојат два политички концепти, европски фронт во кој се владините коалициони партнери и втор концепт кој се залага за блокада и изолирана државата и повторување на 11-годишната изолираност, со стандард помал од денес, со нарушени односи со соседите и ниту еден милиметар помрданати во евроинтеграциите.
А. АНТЕВСКА