ПАК ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ОТКАКО ПОЧИНА  24-ГОДИШНИК, ОД ТАМУ ВЕЛАТ ДЕКА СПОРЕД ОБДУКАЦИЈАТА НЕМА ЛЕКАРСКА ГРЕШКА

    ПАК ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ОТКАКО ПОЧИНА  24-ГОДИШНИК, ОД ТАМУ ВЕЛАТ ДЕКА СПОРЕД ОБДУКАЦИЈАТА НЕМА ЛЕКАРСКА ГРЕШКАИнспекцијата ќе ја испитува смртта на 24-годишник од село Цапари кој вчера почина во болницата. (Фото: СДК.МК)

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да изврши вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница во Битола, побара министерот за здравство Фатмир Меџети, откако 24-годишниот Симеон Т. од село Цапари вчера почина во болницата. Од Министерството за здравство соопштија дека по утврдување на фактичката состојба и изготвување на извештајот од ДСЗИ, јавноста навремено ќе биде информирана.

    Од Битолската болница велат дека причината за смртта на момчето, според резултатите добиени од обдукцијата, се дисеминирана интраваскуларна коагулација (ДИК) односно внатрешно крварење на повеќе органи и дека не се работи за лекарска грешка. Од таму посочуваат дека момчето во вторникот се јавило на болница со висока температура и му била дадена терапија, по што било пуштено дома. Но, ноќта помеѓу вторникот и средата повторно состојбата му се влошила и утрото било пак примено в болница со висока температура и трески. Наодите при лабораториските анализи биле лоши, па биле консултирани конзилијарно лекари од повеќе болнички одделенија. Попладнето пациентот починал во 18 часот по повеќечасовна битка да се спаси.

    „Наодот од обдукацијата покажа дека причината за смртта на пациентот е дисеминирана интраваскуларна коагулација. Тоа значи брзо трошење на факторите на згрутчување на крвта и доведува до неконтролирано крварење на многу органи и системи во организмот, а резултира со прогресивно стварање тромбози и микротромбози кај сите органи. Сето ова е предизвикано од тежок инфект. Обдукцијата покажа дека нема лекарска грешка“, соопшти болницата.

    Вонреден инспекциски надзор беше побаран и за други два смртни случаи во болницата годинава, и тоа за петгодишната Јана Христовска која на 22 март почина по примена инфузија на Одделението за педијатрија, како и за новороденчето од 24-годишна родилка кое умре на 9 април. И ДЗСИ и обдукацијата не пронајдоа лекарска грешка во лекувањето на Јана, при што беше установено дека смртта настанала од срцев удар предизвикан од пневмонија. За вториот случај, со смртта на новороднечето, ДЗСИ најде пропусти во работењето и најави дека ќе бидат поднесени прекршочни, односно парични казни за еден од тројцата гинеколози поврзани со случајот, болницата и тогашниот директор.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира