Владимир Путин наскоро би можел да најави дека ќе се кандидира на претседателските избори во Русија во 2024, со што би се отворил пат за негово останување на власт до 2030 година, објави весникот „Комерсант“. Извори од претседателската администрација велат дека објавата би можела да се случи на конференција во ноември, на која што ќе учествува и Путин.
Изборите во Русија ќе се одржат во март и портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, неодамна кажа дека ако Путин одлучи да се кандидира, никој нема да може да се натпреварува со него.
Путин ќе наполни 71 година на 7 октомври. Тој првпат стана претседател на последниот ден од 1999, наследувајќи го Борис Елцин и потоа стана најдолговечниот руски лидер од Јосиф Сталин.
Иако многумина дипломати, шпиони и функционери сметаат дека Путин доживотно ќе остане на власт, досега немаше потврда дека тој ќе се кандидира на следните избори. Минатиот месец, тој кажа дека ќе ги објави своите планови откако парламентот ќе ги свика претседателските избори, што според закон треба да се случи во декември.
Иако можеби нема да има конкуренција на изборите, Путин се соочува со најголемите предизвици како шеф на Кремљ од распадот на Советскиот Сојуз. Војната во Украина трае подолго од година и пол, Русија е под санкции на западот, а самиот Путин се соочи со побуната на Евгени Пригожин.