Ќе нема линеарно зголемување на пензиите, кажа денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Министерката рече дека како Влада остануваат отворени за разговор со пензионерите, но дека не се согласува со линеарно зголемување на пензиите, како што бараат пензионерите, поради стабилноста на пензискиот систем.
„Секое нереално покачување на пензијата и секое нереално трошење на средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување значи дека ќе ги доведеме во несигурност исплатата на пензиите на сите 336.000 пензионери. Ниту како Влада, ниту како министерка за труд и социјална политика нема да дозволам да се наруши стабилноста на Пензискиот фонд“, рече денеска Тренчевска по посетата на градинката „13 Ноември“ по повод Денот на детето.
Оваа недела се очекува да биде готов извештајот на работната група за пензиите којшто ќе биде доставен до Владата, по што ќе се одлучи кои мерки дополнително ќе бидат донесени во новиот пакет на антикризни мерки.
„Ќе имаме мерки што ќе значат дополнителен приход, финансиска поддршка на пензионерите, меѓутоа ќе бидат опфатени оние пензионери кои се со ниски пензии и кои се во најранливата категорија, кажа Тренчевска додавајќи дека за година и полoвина пензиите се зголемени за 24 проценти од јануари лани согласно усогласувањето со животните трошоци.
А. АНТЕВСКА