Повеќе од 20 луѓе загинаа во превртување на автобус близу Венеција. Италијанските медиуми објавија дека автобусот од засега непознати причини излетал од надвозник во округот Местре и паднал од височина од десет метри на пруга, по што се запалил.
Според новинската агенција „Анса“, загинале најмалку 21 лице, 12 се повредени, а неколкумина луѓе се водат како исчезнати. Некои од жртвите изгореле до непрепознатливост.
Автобусот, кој како гориво користел метан, се запалил веднаш по ударот и пожарникарите сѐ уште се обидуваат да го изгаснат огнот.
„Сцените се апокалиптични. Ова не се опишува со зборови“, изјави градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро.