Кевин Мекарти е сменет од функцијата спикер на Претставничкиот дом во американскиот Конгрес откако му беше изгласана недоверба во постапка иницирана од неговата Републиканска партија. Резултатите од гласањето беа 216:210, со што за првпат во историјата на овој начин беше отстранет шефот на долниот дом на Конгресот.
Најтврдокорните републиканци го покренаа гласањето откако Мекарти постигна договор со Сенатот за буџетот со кој привремено беше спречено затворањето на владата. Засега е нејасно кој ќе го наследи Мекарти од редовите на Републиканската партија, која има мнозинство во Претставничкиот дом.
Мет Гејц, сојузник на Доналд Трамп, активираше ретко користена алатка за да се побара смена на спикерот, откако го обвини Мекарти дека постигнал таен договор со Белата куќа да се продолжи со финансиската помош за Украина среде преговорите за избегнување на делумното затворање на владата викендов.
„Ова беше лично, ова нема врска со трошењето. Оние кои ме сменија не се конзервативци“, кажа Мекарти за потегот на Гејц.
Мекарти беше избран за спикер во јануари по дури 15 круга гласање, откако Гејц и други десничари долго време одбиваа да го поддржат. Во ноќешното гласање за доверба, осуммина републиканци гласаа за негова смена.