ТЕКСТИЛИЈАДАТА ВО ШТИП ПОЧНУВА СО МУРАЛ И СО ТЕКСТИЛЦИ ОД ШВЕДСКИОТ ГРАД БОРОС

    ТЕКСТИЛИЈАДАТА ВО ШТИП ПОЧНУВА СО МУРАЛ И СО ТЕКСТИЛЦИ ОД ШВЕДСКИОТ ГРАД БОРОСМуралот во центарот на Штип ја симболизира тешката работа на текстилната работничка. (Фото: СДК.МК)

    Утре во Штип почнува седмото издание на Текстилијадата, која ја организира невладината организација „Гласен текстилец“. Почнува со откривање на муралот на зграда во центарот на Штип, веднаш до Текстилното училиште. Насликаната текстилна работничка со игла и конец ја симболизира борбата за правата на текстилните работници во Македонија .

    За првпат, Текстилијадата ќе има меѓународен карактер со учество на претставници од шведскиот град Борос и од соседните земји.

    „Борос е текстилно гратче во близина на Малме и по својата големина и индустрија е сличен на Штип, но со правата на работниците сосема различни. Шведските искуства на заедничката средба ќе бидат искористени за иницирање дискусии на локално и национално ниво, за воспоставување партнерства и отпочнување социјален дијалог и за решавање на итни прашања кои имаат влијание врз сите, особено врз работниците и младите поединци во општеството“ , вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.

    Таа вели дека темата на Текстилијадата 2023 е „Текстилна правда, размислување за минатото, замислувајќи ја иднината“, при што уште еднаш ќе се нагласи дека е неопходно постигнување правда за работниците, извлекувајќи вредни лекции од грешките во минатото. Ќе има и панел дискусија на тема: „Дискриминација на работното место“ .

    (Фото: СДК.МК)

    На вториот ден од Текстилијадата, амбасадорката на Шведска во Македонија Ами Ларсон Јаин во центарот на Штип ќе ја открие скулптурата„Корени на традицијата“ од уметникот Андреј Маневски. Скулптурата  налик на дрво е со стара и нова гранка од двете страни и игла и конец во средината,симбол за Штип како текстилен центар во Македонија и со апел за соодветно вреднување на трудот на текстилниот работник.

    „Третиот и последен ден организираме настани од отворен тип и го започнуваме со дебата за актуеалната состојба во текстилната индустрија, пречките и проблемите со кои се соочуваме како работници и здружение во судските лавиринти и дали е можна правда за работниците. Ќе бараме индентификација на проблемите и како да се најде решение за поефикасно судство и еднакви права за сите. На крајот од манифестацијата ќе се одржи и панел Отворен Балкан и работничките права на која ќе учествуваат говорници од Албанија, Косово, Србија и Македонија“ , вели Ампева.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира