Во галеријата на Културно-информативен центар (КИЦ) во Скопје, вечерва во 19 часот се отвора изложбата „Животи обликувани од вода”, на која ќе бидат претставени дела на седуммина фотографи од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија.
„Изложбата раскажува приказна за непрекинатите врски помеѓу луѓето и реките. На фотографиите се забележани моменти крај реките, како и различни гласови и идентитети кои ја откриваат комплексноста на нашиот однос со реките“, стои во најавата на изложбата.
Таа е дел од иницијативата „Заедно за реките”, чија цел е заштитата на повеќе од 400 километри реки во регионот. Поддржана е од една од најважните меѓународни организации за заштита на природата The Nature Conservancy, а се реализира во соработка со „Еко-свест“ од Македонија и други организации од регионот.
Во рамките на оваа иницијатива, „Еко-свест“, во соработка со Општина Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, започна процедура за повторно прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на Демиркаписката Клисура и дел од долниот тек на Вардар со нејзините притоки.
Изложбата ќе биде отворена до 15 октомври, а влезот е бесплатен.