Државниот советник за здравствена заштита при Министерството за здравство Јованка Костовска кажа дека Министерството и Комисијата за превенција од студени бранови препорачува во следните два дена да се ослободат од работни обврски бремените жени и хронично болните лица над 60-годишна возраст со цел заштита на нивното здравје, јави агенцијата „Мета“.
„Препораките се за целата територија, меѓутоа со посебен акцент на овие Осоговско-малешевскиот и на Полошкиот регион. Работниците кои што работат на отворено треба да се внимава работните обврски да ги практикуваат од 10 до 16 часот со повремени паузи на секои два часа по половина час во топла просторија и со топли напитоци се со цел заштита на нивното здравје“, рече Костовска на прес-конференцијата на Управувачкиот комитет за справување со кризи.
Таа нагласи дека Комисијата за превенција од студени бранови ќе продолжи да ја следи состојбата и оти од среда се очекува благ пораст на температурите.
Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК) потенцира дека магистралните патишта во земјава и во најголем дел регионалните, се проодни , но оти сообраќајот се одвива во зимски услови и отежнато, освен места на повисоки надморски височини во некои општини во кои се непроодни патиштата, како во Струга, Велес, Штип, Куманово и Чучер Сандево.
Од ЦУК соопштија дека авионскиот и железничкиот сообраќај се одвива редовно, освен на делот од пругата Велес – Кочани каде како и вчера има наноси на снег. Забрани за сообраќај има за камиони на патниот правец Маврово – Дебар и на планинскиот превој Плетвар
Според податоците на УХМР денеска е портокалова фаза во Осоговско-малешевскиот регион ( Делчево, Виница, Берово) и во Полошкиот регион (Тетово, Гостивар, Кичево), која ќе продолжи и утре, а ниските температури ќе продолжат до вторник.