Во месецот на борба против рак на дојка, здравствените власти апелираат дека секоја жена треба да оди на прегледи, а слободни термини во здравствените институции нема со месеци. Ако пациентката се сомнева на рак, за да реагира брзо мора да закаже преглед во приватните болници. Од друга страна, лекарите велат дека повеќе од 90% од заболените од карцином на дојка може да се излечат ако дијагнозата се постави во рана фаза и се лекуваат правилно.
Ако жена сака да си закаже превентивен преглед на рак на дојка како што апелираат властите, термин нема до крајот на годинава, а за наредната, 2024, системот уште не дава термини. На сајтот Мој термин, каде се обидовме да ги провериме термините за ехо на дојка и мамографија, слободен термин за наредните 3 месеци има само во Штип. Проблем со закажување има и преку матичните лекари, бидејќи тие веќе не може да закажуваат за мамографија, туку ги праќаат пациентките сами да си закажат на страната на националната скрининг програма за програма за рано откривање рак на дојка. Таму во моментот не се добива термин, туку пациентката добива известување дека ќе ѝ стигне смс-порака кога ќе има термин.
Жените до 45 години кои немаат симптоми, превентивен преглед со ехо на дојка траба да закажат преку матичните лекари, кои закажуваат во Центрите за дојка кои ги има во дел од поликлиниките. Но, и за таму нема термини.
„Веќе една година не можам да закажам преглед на дојка, преку ехо и преку мамографија. Нели превентивно требаше да одиме на преглед за да превенираме рак на дојка, една од најраспространетите болести во Македонија? Се јавив кај матичниот гинеколог, вели: ’Нема термини подолго време, џабе се јавувате. Пробајте преку вашиот општ матичен лекар’. Кај општиот лекар ми го кажаа истото. Ме прашаа дали имам рак на дојка и дали сум оперирана? Одговорив негативно, горда дека сум одговорна за своето здравје и сакам да се прегледам и да превенирам. Откај матичниот ме упатија да се пријавам за термин на скрининг.мк и да чекам да ми стигне смс порака. Се пријавив, чекам“, вели С. К. од Скопје.
Министерството за здравство од лани почна со целна популација на скрининг програмата се жените на возраст од 45 до 69 години, кои не извршиле преглед во изминатите две години, или никогаш не направиле мамографски преглед.
Закажувањето почна со жени на возраст од 45 години. Според Министерството, до сите се испратени СМС пораки на бројот со кој се евидентирани во системот Мој термин. Во пораките кои се испратени – се дадени насоки и како да откажат или да го преместат терминот, ако за тоа имаат потреба.
Во скрининг програмата за дојка може да се пријават жени на возраст од 40 до 44 години, ако имаат позитивна семејна анамнеза кај еден или повеќе членови во семејството, и тоа со рак на дојка, јајници, дебело црево или панкреас.
Министерството лани ја воведе новата патека за упатување и третман на жени за кои има сомнеж за рак на дојка, според која за жените во скрининг кои имаат потреба од дополнителни прегледи е овозможено радиологот да издава упат за ехо преглед, биопсија, торакална хирургија и тоа е најбрзиот пат од суспектен карцином до операција.
Ова значи дека жените со потврден карцином на биопсија во рок од една недела од изготвениот радиолошки извештај и хистопатолошки наод според патеката ќе се упатуваат на торакална хирургија со упат од специјалист радиолог, за што Управата за електронско здравство креира амбуланта за жена од скрининг програмата. За жените, пак, кои сакаат да направат мамографија и ехо или имаат потреба пред и по операција или онколошка терапија, Националната комисија при Министерството направи патека како жената да стигне на преглед, со цел жената да стигне соодветно на ехо и мамографија согласно здравствената состојба.
Матичните лекари добиваат известување од Управата за електронско здравство дека е изработен посебен модул во кој тие може да ги видат информациите за своите пациентки (дали им е закажан преглед и кога).
Сите учесници во скринингот може да ги видат закажаните пациентки во своите центри.
Мамографско снимање, односно скрининг мамографија, во моментот се врши во следните установи: Универзитетски институт за радиологија, Градска општа болница (ГОБ) „8 Септември“, Универзитетска клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Клиничка болница Тетово, Клиничка болница Штип, Клиничка болница Битола , Општа болница со проширена дејност Кавадарци, Општа болница со проширена дејност Гевгелија, Општа болница со проширена дејност Кочани, Општа болница Охрид, Општа болница Велес, Здравствен дом Скопје – поликлиника Букурешт и поликлиника Чаир, како и во Здравствен дом Радовиш.
Според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ракот на дојката е најчесто малигно заболување кај жените и најчеста причина за смрт. Секоја осма жена ќе се соочи со ова заболување во текот на својот живот.
Смртноста од рак на дојка е повисока во земјите со низок и среден приход, додека во развиените земји смртноста е пониска. Во Македонија стапката на морталитет од рак на дојка во 2020 година изнесува 32,2 на 100.000 жени.
Бројот на заболени и умрени жени од рак на дојка се зголемува со возраста, значително по 45-тата година од животот, а најчесто над 50-годишна возраст.
Б. НЕСТОРОСКА