Норвешкиот автор Јон Фосе е годинашниот добитник на Нобеловата награда за литература. Шеесет и четиригодишниот Фосе е еден од најизведуваните современи драматурзи на светот и веќе има добиено бројни меѓународни награди.
„Јон Фосе ја добива наградата за неговите иновативни драми и проза, во кои му дава глас на неискажливото“, соопшти Шведската кралска академија.
Роден во 1959 во Берген, Фосе го објавил првиот роман во 1983, а неговата прва драма била издадена и изведена во 1994. Има напишано романи, раскази, поезија, книги за деца, есеи и драми, а неговите дела се преведени на повеќе од 40 јазици.