Кореографката Рисима Рисимкин во Националната опера и балет (НОБ) го постави современиот балет „САГА“(идентитети), со чија премиера, закажана за утре и задутре (20 часот), почнува новата сезона во оваа национална установа. Рисимкин, која е деканка на Филмската академија – Катедра за современ танц при Штипскиот унивезритет и уметничка директорка на „Танц фест Скопје“ во НОБ ја постави претставата, на нивна покана. Претходно пред повеќе години ги постави „Леди Магбет“ и „Болеро“.
Од НОБ велат дека Рисимкин подготви национално дело, инспирирано од музиката, традицијата и современото македонско поетско творештво, каде прави симбиоза помеѓу битовота, класичната и модерната танцова лексика преточена во музиката на Тони Китановски, во костимите на Благој Мицевски, а сценскиот дизајн е на Матеа Мијановиќ.
„На сцената ќе видиме околу триесетина врвни танчери, кои заедно со авторската екипа, врз база на песната ‘Везилка’ на великанот Блаже Конески, како и мотиви од народното творештво, градат магичен, нестварен свет во кој, експресивноста зазема основно место“, вели уметничката раководителка на Балетот, Олга Панго.
Насловните улоги ги играат примабалерините Марија Кичевска-Шокаровска и Мирјана Поп-Алексова Атанасовска, како и истакнатата солистка Саша Евтимова, придружувани од Балаж Лочеи (Унгарија). Играат и Наташа Трендафилова-Гацев, Илијана Данилов, Христина Наќевска, Игор Велјановски, Ендрју Кук (Англија), Веселин Трајковски, Алфред Јаго (Англија), Франциско Руиз ( Шпанија)и Миро Митрашиновиќ.
Б. НЕСТОРОСКА