Тројцата директори на Македонска навигација (МНАВ) ги прифатиле сите барања на контролорите на летање кои најавија штрајк за 12 октомври, вклучително и најважното – огласите за вработување да не траат само три дена за да се вработуваат партиски и роднински кадри. Договорено е огласите за вработување да траат најмалку 10 работни дена и секако, да бидат под надзор на контролорите на летање.
Според претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, раководството се обврзало ветувањата да ги стави во документ и отсега во МНАВ ќе се работи по овој интерен документ.
Прифатено било барањето и внатрешните прераспоредувања на постоечките и на новопримените кадри да биде во согласност со контролорите. Бидејќи, преку ноќ на огласите што никој не ги гледа биле вработувани чувари, за по два дена да бидат преместени во помошници-контролори, советници на советниците и други измислени звања. Автоматски, со прераспоредувањето тие добивале плата поголема за 500 евра.
Синдикатот поддржан од Здружението на контролори на летање, се изборил и за нови тендери за ангажирање на странска куќа за експертиза за тоа колку кадри, какви профили и на кои работни места се потребни во Контролата на летање.
Тоа беше една од причините за најавениот штрајк, бидејќи претходно имало објавен таков тендер со сума од само 8.000 евра, за која ниту една агенција не се пријавила. Анализата би траела околу 6 месеци и би чинела многу повеќе.
За старата опрема за контрола на летовите која датира од 1996, исто така е постигната согласност. Ќе се монтира таа од 2014 која фаќа прашина со години и ќе се размислува за набавка на нова, современа.
До изградба на нова зграда за Контролата на летање, договорено е да се реновираат субстандардните услови во кои во моментов се работи – да се сменат прозорците кои течат, да се донесе вода за да не одат контролорите во веце на аеродромот и во Петровец, односно да не се заразат во постоечките тоалети без вода.
С. К. ДЕЛЕВСКА