Најмалку 40 Израелци загинаа во денешниот изненадувачки напад на палестинската милитантна група Хамас, а речиси 800 се повредени, додека во одмаздничките воздушни напади на Газа се убиени 198 луѓе, а околу 1.000 се ранети.
Хамас утрово го лансираше најголемиот напад на Израел во последните години, при што испука повеќе од 2.000 проектили и упадна на израелската територија. Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел е во војна и вети жесток одговор.
Хамас и Исламски џихад, кој се придружи на борбите, објавија дека имаат заробено повеќе израелски војници, кои се префрлени во Газа. Државното радио соопшти дека има луѓе во заложништво во најмалку три населени места во Израел.
Експертите за безбедност велат дека ова е невиден пропуст на израелските разузнавачки служби, кои ја имаат една од најраспространетите и најсофистицирани мрежи на Блиски Исток, но и доушници инфилтрирани во бројни земји.
„Израел е фатен на спиење со нападот кој се случи на крајот на голем еврејски празник. Хамас успеал во целосна тајност да испланира и покрене добро координиран напад“, кажа британскиот експерт Френк Гардинер.
Нејасно е што го мотивирало Хамас да почне вака голем напад, но во изминатата година десничарската влада на Израел продолжи со изградбата на населби на окупираниот Западен Брег, каде што беа раселени илјадници Палестинци и во последно време зачестија насилствата. Иран и Хезболах им дадоа поддршка на Палестинците.