Бројот на загинати Израелци во денешниот изненадувачки напад на палестинската милитантна група Хамас порасна на повеќе од 150 и Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека меѓу нив има и нивни припадници. Во болници се примени над 1.000 повредени, од кои десетици се во критична состојба и се очекува бројот на жртвите да расте, објави министерството за здравство.
Последните информации од Газа велат дека најмалку 232 луѓе загинале во израелските воздушни напади, кои уследија како одмазда за воената операција на Хамас, на која се придружи и Исламски џихад.
Палестинските милитанти утрово испукаа над 2.000 проектили од Газа и потоа упаднаа на израелската територија. Извори од полицијата кажаа дека „200-300 терористи ја преминале границата, од кои уште десетици се кријат“.
„Нашите трупи се борат на 22 локации. Во јужен Израел нема населено место во кое што нема наши сили“, објавија ИДФ.
Портпаролот на ИДФ ги потврди информациите дека напаѓачите киднапирале војници и цивили, без да наведе бројки.
„Нашите специјални сили се вклучени во две заложнички ситуации“, кажаа од ИДФ.
Хамас објави дека израелските заробеници се сместени на обезбедени локации и во тунели.
„Имаме доволно заробеници да го принудиме Израел да ги ослободи сите затворени Палестинци“, кажаа од Хамас.
Лидерот на Хамас, Исмаил Ханијех, изјави дека нападот што почна во Газа би можел да се прошири и на Западен Брег и Ерусалим.
„Ова беше утро на понижување и пораз на нашиот непријател. Она што се случи ги покажа големината на нашата подготвеност и слабостите на нашиот непријател“, кажа Ханијех.
Во обраќањето до нацијата, премиерот Бенјамин Нетанјаху утрово кажа дека Израел е во војна и нареди широка мобилизација на воени резервисти, ветувајќи дека Хамас ќе плати висока цена за денешниот напад. Израел вечерва го прекина снабдувањето со струја во појасот Газа.