СЕ ПОТКОПУВААТ ТЕМЕЛИТЕ НА ШТИПСКИОТ ДОМ НА КУЛТУРАТА СО ИЗГРАДБАТА НА КАТНА ГАРАЖА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ТРАЈКОВ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДЕМАНТИРА

    СЕ ПОТКОПУВААТ ТЕМЕЛИТЕ НА ШТИПСКИОТ ДОМ НА КУЛТУРАТА СО ИЗГРАДБАТА НА КАТНА ГАРАЖА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ТРАЈКОВ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДЕМАНТИРАПросторот зад Домот на културата во Штип каде се гради катна гаража. (Фото: СДК.МК )

    Зад Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип повеќе од еден месец се изведуваат градежни работи за изградба на катна гаража која ја гради Општината. Директорот на Домот на културата, Горан Трајков, кој бил против ваква градба, вели дека со досегашните градежни работи, но и со оние во другите градежни фази ќе се поткопаат темелите на објектот.

    „Писмено ги известив сите надлежни институции и побарав да се стопираат градежните активности кои се на штета на Домот, но досега нема некоја посебна нивна реакција. Поднесов преставки и барав од инспекциските органи да интервенираат. Известен е и Државниот градежен инспекторат. Барав увид и од Градежниот институт во Скопје, кој најави дека ќе направи увид. Со копањето кај темелите на Домот, кој е висок објект, во овој дел на градот веќе се искинати инсталациите за громобранова заштита“, вели Трајков.

    Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, вели дека секојдневно лично ги надгледува градежните работи и нема никакви штети, сите инсталации се заштитуваат, па смета дека реакциите и опструкциите се политички насочени.

    „Советот на Општината веќе утврди изградба на неколку катни гаражи во централното градско подрачје затоа што паркирањето е најголемиот проблем на градот. Без никој да биде оштетен, ќе продолжи реализицијата на зацртаните проекти“, вели Јорданов.

    Трајков најавува дека откако ќе ги добие првите наоди од излегувањето на надлежните институции на самото место, овој спор ќе го префрли пред судските органи.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира