ХАМАС СЕ ЗАКАНИ СО ЕГЗЕКУЦИЈА НА ИЗРАЕЛСКИТЕ ЗАЛОЖНИЦИ АКО СЕ НАПАЃААТ ЦИВИЛИ И НАЈАВИ ДЕКА Е ПОДГОТВЕН ЗА ДОЛГА БОРБА

    ХАМАС СЕ ЗАКАНИ СО ЕГЗЕКУЦИЈА НА ИЗРАЕЛСКИТЕ ЗАЛОЖНИЦИ АКО СЕ НАПАЃААТ ЦИВИЛИ И НАЈАВИ ДЕКА Е ПОДГОТВЕН ЗА ДОЛГА БОРБАИзраел вчера воведе целосна блокада на појасот Газа и ноќеска изведе уште 200 воздушни напади (Фото: АП)

    Хамас се закани дека ќе егзекутира израелски заробеник секој пат кога Израелците ќе бомбардираат палестински домови без предупредување. Оваа палестинска милитантна група, која викендов изврши досега невиден напад на Израел, и Исламски џихад вчера кажаа дека држат над 130 заложници.

    Израелските медиуми објавија дека војската се подготвува да извести стотина израелски семејства дека нивните роднини се киднапирани од Хамас и се држат во Газа. Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, процени дека станува збор за 100-150 заложници.

    Израел вчера воведе целосна блокада на појасот Газа, што значи и прекин на снабдувањето со струја, вода, храна и гориво. Два дена по изненадувачката инвазија на Хамас, Израел објави дека ја повратил контролата вра граничната линија со Газа и од вчера немало нови влегувања на милитантите.

    Откако почна нападот на Хамас во саботата наутро, во Израел се убиени околу 900 луѓе, од кои 260 на музичкиот фестивал НОВА, а во воздушните удари на Газа загинале речиси 700 Палестинци. Израелските одбранбени сили објавија дека ноќеска биле погодени повеќе од 200 цели во Газа.

    Портпаролот на Хамас, Абу Убаида, изјави дека ќе егзекутираат израелски заробеник за секое ненајавено бомбардирање на цивилна куќа во Газа и дека ќе го пренесуваат тоа во живо.

    Хамас кажа дека е подготвен за долга борба и дека ќе ги искористи заложниците за да издејствува ослободување на Палестинците кои се во затвор во Израел и САД.

    Располагаме со арсенал ракети што ќе трае долго. Добро се подготвивме за оваа војна и за справување со сите сценарија, дури и за долга војна“, изјави Али Баракех, член на водството на Хамас кое е во егзил во Либан.

    Тој откри дека само мал број заповедници во Газа знаеле за нападот и дека и најблиските сојузници на групата не биле известени однапред, негирајќи дека добиле помош од Иран.

    Дури и ние сме шокирани од обемот на операцијата и од големиот колапс на израелската одбрана. Нашата главна цел беше да направиме некои придобивки и да земеме заложници за размена на заробеници“, кажа Баракех.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира