„Од визија до реалност: Демир Капија заштитено подрачје“ е првиот во низата културни настани преку кои јавноста ќе може да се запознае со иницијативата за прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на Демиркаписката Клисура и на долниот тек на Вардар со притоките.
Настанот ќе се одржи утре (14 октомври) во Градскиот парк во Демир Капија, а се отвора во 14 часот со изложба на фотографии на природните убавини на Демир Капија, по што ќе има презентација, трибина и проекции на кратки филмови. Во музичкиот дел ќе настапат групите „Љубојна” и „Летечки пекинезери”.
Иницијативата „Заедно за реките“ има за цел да заштити повеќе од 400 километри реки во регионот. Во рамките на оваа нницијатива, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, во соработка со Општина Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, ја започна постапката за повторно прогласување на Демиркаписката Клисура за заштитено подрачје.