МИРА ГАЌИНА ДАДЕ ОСТАВКА ОД ДИРЕКТОРКА НА МУЗЕЈОТ НА СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ

    МИРА ГАЌИНА ДАДЕ ОСТАВКА ОД ДИРЕКТОРКА НА МУЗЕЈОТ НА СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ„И покрај моето повлекување, засекогаш ќе останам мотивирана да учествувам во натамошниот развој на МСУ, задоволна што по 60 години од неговото основање е повторно една од најубедливите вредности на скопскиот урбан живот“, вели Гаќина. (Фото: МСУ)

    Директорката на Музејот на современата уметност (МСУ) Мира Гаќина се повлекува од функцијата поради лични причини, соопшти Музејот. Гаќина, која на директорската позиција на МСУ беше од средината на 2017, по вокација е историчарка на уметност, магистерКА по музеологија, со докторат по продукција и управување на институции од културата со студија на случај МСУ- Скопје.

    „Веројатно многу скопјани, како и јас, биле, и уште се фасцинирани од објектот на МСУ, кој спокојно го набљудува Градот, без да се наметнува. Но, каква е вистинската вредност на неговата колекција, а особено на неговиот концепт, како музеј инициран и остварен од страна на уметниците осознав со време, преку моите студии и споредби со други светски музеи. Стремежот да се демонстрира севкупниот потенцијал на МСУ како релевантна институција во полето на современата уметност и култура, беше причината поради која ја прифатив оваа многу одговорна позиција во 2017 година. Водена од сознанието за колективниот ентузијазам во сите нас, за повторно заживување на пионерските идеали на солидарност втемелени во самата идејата на оваа по многу нешта единствена институција кај нас и пошироко. Овој Музеј на солидарноста го замисливме како Отворен Музеј, отворен за сите генерации, за сите групи, за сите заедници, пред сè, за скопјани, како интегрален дел на Старо Скопје, со целата негова културна различност, следејќи ја оригиналната Мисија. Но, најважно е што инспириравме нова генерација меѓународни и наши уметници да му подаруваат дела на Музејот. Солидарноста како вредност се издигна над спонтаната реакција предизвикана од земјотресот во музејски концепт, низ трансгенерациска врска на авторите. И покрај моето повлекување, засекогаш ќе останам мотивирана да учествувам во натамошниот развој на МСУ, задоволна што по 60 години од неговото основање е повторно една од најубедливите вредности на скопскиот урбан живот“, вели Гаќина во соопштението.

    Изминативе години МСУ реализираше повеќе големи меѓународни проекти, меѓу кои е изложбата, кој е сѐ уште во тек ,  „Ниедно чувство не е конечно: Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“ во Кунстхале во Виена.

    „Во својот мандат, Мира Гаќина и тимот на МСУ во континуитет продуцираа и поставки во кои изложуваат светски познати и домашни докажани уметници. Од исклучително значење за музејот и македонската уметност и култура е и повторното заживување на донаторската димензија на МСУ, збогатувајќи ги збирките со над стотина нови подароци од странски и македонски уметници и донатори. Во овој период МСУ ја подигна на многу повисоко ниво и важноста на своите едукативни програми, како една од суштинските социјални димензии на музејот“, велат од Музејот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира