ФРАНЦУСКА СЕНАТОРКА ПОБАРА ДА МУ СЕ ОДЗЕМЕ ДРЖАВЈАНСТВОТО НА КАРИМ БЕНЗЕМА ПОРАДИ НАВОДНИ ВРСКИ СО ТЕРОРИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА

    ФРАНЦУСКА СЕНАТОРКА ПОБАРА ДА МУ СЕ ОДЗЕМЕ ДРЖАВЈАНСТВОТО НА КАРИМ БЕНЗЕМА ПОРАДИ НАВОДНИ ВРСКИ СО ТЕРОРИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈАБензема е познат како голем верник, кој често ги искажува своите верски уверувања на социјалните мрежи (Фото: Гети)

    Француска сенаторка побара да му се одземе француското државјанство на фудбалерот Карим Бензема, откако министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан го поврза со исламистичката партија Муслиманско братство, која се смета за терористичка организација во неколку блискоисточни земји.

    „Ако изјавите на министерот се точни, мора да разгледаме санкции против Карим Бензема“, изјави Валери Бојер, потпретседателката на конзервативната Републиканска партија.

    Таа кажа дека одземањето на Златната топка, што Бензема ја освои како најдобар светски фудбалер во 2022, би била прва, симболична казна, а втората мерка треба да биде одземањето на државјанството.

    „Не можеме да прифатиме дека светски познат Французин со двојно државјанство може да ја обесчести, па дури и да ја предаде нашата земја“, кажа Бојер за Бензема, кој има алжирско потекло.

    Ова следува откако Дарманан во едно ТВ-интервју го обвини Бензема дека има врски со Муслиманско братство, без да понуди докази за тоа.

    „Сите го знаеме тоа“, кажа Дарманан.

    Ова веднаш беше демантирано од адвокатот на Бензема.

    „Тоа е лага. Карим Бензема никогаш немал никакви врски со оваа организација“, изјави Игес Вижие.

    Оваа партија дојде на власт во Египет по Арапската пролет и беше соборена со државен удар во 2013. Таа се финансира од Катар, чии ривали Саудиска Арабија и ОАЕ ја прогласија за терористичка организација.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира