Палестинските медиуми објавија дека е убиена првата и единствена жена со политичка функција во Хамас. Шеесет и осумгодишната Џамила ал-Шанти беше вдовица на еден од основачите на Хамас, Абдел Азиз ал-Рантиси и прва жена избрана во политичкото биро на палестинската милитантна организација, нејзиното највисоко тело за донесување одлуки.
Ал-Шанти, која го формираше женското движење во рамките на Хамас, загинала во израелски воздушен напад, за кој не беа објавени детали.
Сопругот на Ал-Шанти беше убиен во израелски воздушен напад во 2004 година. Таа стана членка на политичкото биро на Хамас во 2021.
„Присуството на жените во раководството на Хамас ќе се покаже како вреден придонес за иднината на движењето“, изјави Ал-Шанти откако беше избрана.
Од нападот на Хамас на 7 октомври, Израел уби неколкумина високи воени и политички личности на Хамас и на другите палестински вооружени групи.