И СЛУЧАЈОТ „ДЕЛЧЕВСКИ НИВИ“ СЕ ПРЕКИНУВА ОТИ ВЛАДАТА КАЖАЛА ДЕКА НЕ Е ИЗМАМЕНА ЗА 40 ПАТИ ПОСКАПО КУПЕНИТЕ НИВИ ЗА ФОТОВОЛТАИЦИ

    И СЛУЧАЈОТ „ДЕЛЧЕВСКИ НИВИ“ СЕ ПРЕКИНУВА ОТИ ВЛАДАТА КАЖАЛА ДЕКА НЕ Е ИЗМАМЕНА ЗА 40 ПАТИ ПОСКАПО КУПЕНИТЕ НИВИ ЗА ФОТОВОЛТАИЦИМеѓу осомничените беше и член на обезбедувањето на Христијан Мицкоски. - Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ (Фото:СДК.МК)

    Се запира истрагата и за „Делчевски ниви“, добиени на подарок, а продадени 40 пати поскапо на ЕВН, а во кои беа осомничени членови и блиски на функционери од ВМРО-ДПМНЕ.

    Од Владата се премислиле за политичките противници од ВМРО-ДПМНЕ, осомничени во истрагата и рекле: „Не, ние не сме доведени во заблуда од овие луѓе“, по што Обвинителството ја запрело понатамошната истрага.

    Во овој предмет се спасува таткото на пратеникот Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ. Деновиве од кривичен прогон за злоупотреба на службената положба и овластувањата се спасија и пратениците Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, а претходно и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев. Тројцата пратеници се спасија со измените на Кривичниот законик што ги изгласа СДСМ, а во присуство на противниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои на големо изненадување на јавноста, останаа во салата за да направат кворум при гласањето.

    Надлежениот обвинител од ОЈО Скопје донел Наредба за запирање на истражната постапка против 7 лица, од кои две беа осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – Измама во службата од член 355 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, додека останатите им помогнале во извршувањето на делото.

    На двајцата првоосомничени им се ставаше на товар дека во текот на 2021 година заеднички, во вршење на службата, со намера за друг да прибават противправна имотна корист, ги довеле во заблуда членовите на Управниот одбор на оштетеното правно лице – ЕВН Македонија АД Скопје, а потоа и овластено лице да извршат незаконита исплата во постапка за купување недвижен имот – земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици.

    Притоа не ги почитувале и ги заобиколиле интерните постапки во работата на правните лица, не ги извршиле неопходните претходни проверки кои што биле должни да ги извршат и со тоа делувале ЕВН АГ АВСТРИЈА, во својство на доминантен акционер во ЕВН Македонија АД Скопје, да ја оцени како исплатлива (погодна) и да ја одобри инвестицијата за купување недвижен имот, односно на вкупно 48 катастарски парцели во неколку катастарски општини.

    Основ за поведување на постапката за кривично дело, чие битие се заснова на доведување во заблуда на овластените лица да извршат незаконита исплата, беа првичните искази на членовите во Управниот одбор на ЕВН Македонија АД Скопје, кои тврдеа дека не би гласале за одлуката за купување доколку ги знаеле фактите во врска со дел од предметните парцели, поточно дека се работи за земјишта-шуми, земјишта со непристапен пат и земјишта кои се наоѓаат во заштитено подрачје.

    „Надлежниот јавен обвинител во текот на постапката ја прибра целокупната документација поврзана со носењето на одлуките и со склучувањето на договорите за купување на парцелите, која беше предмет на вештачења. Дополнително, беа извршени распити на сите лица кои имаа определени сознанија. Меѓутоа, во текот на истражната постапка, членовите на УО го сменија својот исказ и изјавија дека откако ги разгледале прибраните докази сметаат дека не биле доведени во заблуда и не биле измамени од осомничените во поглед на постапката и дека повторно би го одобриле купувањето на предметниот имот. Членот на Управниот одбор на ЕВН Македонија АД Скопје именуван од страна на Владата изјави дека правното лице не е оштетено преку дејствијата на осомничените и дека во случајот нема незаконита исплата“, соопшти Обвинителството.

    „Имајќи ја предвид изјавата на застапникот и воедно заштитникот на државниот капитал во правното лице ЕВН Македонија АД Скопје, која во конкретниот случај е круцијална за докажување на заблудата како обележје на кривичното дело, јавниот обвинител во предметот донесе одлука за запирање на истрагата“, вели органот на прогон.

    Со оглед на тоа што во дел од исказот пред јавен обвинител застапникот на државниот капитал презентирал и лажни факти во поглед на извршените претходни проверки на земјиштето кое било предмет на купопродажба, ОЈО Скопје за овој дел од исказот оформил предмет со кој поведува постапка против овој сведок за кривично дело – Давање лажен исказ од член 367 од Кривичниот законик.

    Тој исказ пред јавниот обвинител, иако обвинителството смета дека е лажен, не влијае во конкретната постапка која е запрена, бидејќи членовите на Управниот одбор во текот на постапката се премислиле и сега категорично негираат дека биле во заблуда или измамени за да одобрат купување на земјиштата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира