ДАЛИБОР МОЖЕШЕ ДА ГО НАПРАВИ ГЛАСОТ МЕК КАКО ПАМУК, МОЖЕШЕ И ПЛАНИНА ДА СРУШИ СО НЕГО, КАЖА ГАБРИЕЛА НОВЕСКА ОД ХОРОТ НА „ТАНЕЦ“ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ЃОШИЌ

    ДАЛИБОР МОЖЕШЕ ДА ГО НАПРАВИ ГЛАСОТ МЕК КАКО ПАМУК, МОЖЕШЕ И ПЛАНИНА ДА СРУШИ СО НЕГО, КАЖА ГАБРИЕЛА НОВЕСКА ОД ХОРОТ НА „ТАНЕЦ“ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ЃОШИЌСашо Ливрински и Ѓошиќ почнaле со заеднички проект со преработка на народни песни наречен „Ајде сонце зајде“, и успеале да снимат само две песни од планираните седум. (Фото: К. Попов)

    „Далибор беше многу искрен, многу пријателски настроен, не се наметнуваше, не сакаше да пречи, ниту да му пречат, беше многу позитивен. Немаше некој којшто не го обожуваше неговото пеење. Тој знаеше да пее сѐ. Гласот можеше да го направи мек како памук, можеше и планина да сруши со него. Носеше таква емоција во него и уживаше на сцената“, кажа Габриела Новевска од хорот на „Танец“ на комеморацијата за солистот Далибор Ѓошиќ, кој почина на 10 октомври по кусо боледување на 41 година.

    „Жал ми е што на време не успеав да ја воочам големината на неговата мака. Допрва почнавме да се запознаваме“, кажа Бранка Костиќ-Марковиќ, уметничкиот раководител на „Танец“. Поздравувајќи го семејството на Далибор, таа ги спомена мајка му, неговиот син Стефан кој бил најголема гордост на Ѓошиќ.

    „За жал, таткото на Далибор, Милан не е тука, тој токму денес ја испраќа својата мајка“, кажа Костиќ- Марковиќ, мислејќи на бабата на Далибор Ѓошиќ која починала. Таа го прочита мотивациското писмо кое Далибор го испратил до „Танец“ пред да се вработи.

    „Музиката е мојот живот, затоа имам желба професионално да се занимавам со неа“, напишал Ѓошиќ во писмото.

    Бранка Костиќ- Марковиќ, уметничкиот раководител на „Танец“ со композиторот Сашо Ливрински и Габриела Новеска од хорот на „Танец“. (Фото: К. Попов)

    Музичарот Сашо Ливрински рече дека Ѓошиќ го запознал во 2008 година, кога станал член на групата „Академци“, и немало соодветно висока оценка за неговото пеење.

    „Како младо, неискусно и тогаш срамежливо момче, требаше да поработи на комуникација со публиката, што како особина го откриваше неговиот длабок, емоционален и интровертен карактер, кој го задржа до крајот на животот. Беше голема мистерија за мене да се допре до неговата душа, за она што го радува и го мачи“, кажа Ливрински.

    Композиторот и аранжер се присети дека првата награда за интерпретација како фолк-пејач, Ѓошиќ ја добил во 2008 година на фестивалот „Гоце фест“.

    „Како член на хорот и солист тој секогаш стоел на врвот на исполнителноста, со стопроцентна присутност при креирање на моите хорски обработки“, додаде Ливрински.

    Ливрински и Ѓошиќ почнaле со заеднички проект, преработка на народни песни наречен „Ајде сонце зајде“, и успеале да снимат само две песни од планираните седум.

    „Далибор имаше подадена рака кон секого, особено за оние кои им требаше“, кажа Ливрински.

    Семејството на Далибор Ѓошиќ и директорот на „Танец“, Мартин Вучиќ, на комеморацијата во „Танец“. (Фото: К. Попов)

    Македонската радио телевизија на 23 октмври ќе го репризира концертот „Славејот од Галичник“ од минатата година, посветен на Александар Сариевски на кој Ѓошиќ испеа дел од најпознатите песни од Сариевски.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира