Скулпторот Илија Аџиевски, доајен на македонската ликовна уметност, почина на 97 години, соопшти семејството.
Аџиевски е роден во Струга во 1926, Академија за ликовна уметност завршил во Загреб во 1954 во класата на професорот Франо Кршиниќ. Автор е на голем број споменици, монументални керамички релјефи, парковски скулптури, портрети на познати личности од јавниот и културниот живот. Учесник е на значајни национални и меѓународни изложби.
Неговата последна изложба „Портретот во фокус“ беше отворена лани во октомври во Националната галерија во Даут пашин амам во Скопје.
„После долги и интензивни подготовки, ја отворивме изложбата на најстариот скулптор од македонската ликовна сцена, маестро Илија Аџиевски која е посветена на неговите портретни реализации и затоа го носи насловот ‘Портретот во фокус’. Аџиевски е на свои 96 години и во својот долг животен и работен век создал многубројни уметнички остварувања и покрај трновитиот пат по кој одел. Тој бил активно вклучен во НОБ, бил активен член на СКОЈ и СКОМ, но за жал го изминал како непребол и вечна дамка и Голи Оток. Сепак, уметноста, тој креативен монументум и занес биле доволно моќни да го избават неговиот дух од амбисот на ‘обележаните’. Веројатно сето тоа време ќе придонесе Аџиевски да проникнува во тајните токму на духот и карактерот на личностите кои ги портретира, бидејќи портретниот жанр го одбира како еден од своите предоминантни фасцинации. Одличен во реализмот и во доловување на сличноста со портретираните личности, но уште поспецифичен и оригинален во исклучително експресивните портрети кои како да се трансформирани природни енергии и појави, планини, карпи, ветрови, води. Како да интимата на портретираните личности е материјализирана со една индолентна естетика во моќно портретни титани“, кажаа тогаш кураторката на изложбата Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија.
Погребот е закажан за утре, во 14 часот, на градските гробишта во Струга.