САД, Русија, Австралија и други земји повикаа на хуманитарни прекини на непријателствата во Газа за да може да влезе помош во блокираната палестинска енклава, која Израел продолжува безмилосно да ја бомбардира. Вкупно 704 Палестинци, од кои 305 деца, загинале во вчерашните воздушни напади, објави министерството за здравство на Газа, што е најголема бројка мртви во еден ден од почетокот на конфликтот пред речиси три недели.
Во исто време се засилуваат судирите на окупираниот Западен Брег, додека Хезболах му се заканува на Израел од Либан. Вашингтон го советуваше Израел да ја одложи планираната копнена офанзива во Газа, додека се обидува да помогне да се ослободат уште заложници кои ги држи Хамас.
Доцна синоќа, осум камиони со храна, вода и лекови влегоа во Газа од Египет, но не и гориво, без кое, како што предупредија Обединетите нации, наскоро би можеле да запрат сите нивни активности во енклавата.
„Би можеле да останеме без гориво до среда вечер. Мора да се пуштат испораките на гориво за да можат луѓето да имаат чиста вода за пиење, болниците да останат отворени и да продолжат операциите за спасување животи“, соопшти Агенцијата за помош на палестинските бегалци на ОН.
Израелската војска го обвини Хамас дека прави залихи на гориво, објавувајќи сателитски снимки кои наводно прикажуваат десетици цистерни со 500.000 литри гориво.
Во Обединетите нации, САД и Русија претставија ривалски планови за хуманитарната помош за Газа, па Вашингтон предложи паузи, а Москва побара примирје во борбите помеѓу Израел и Хамас. Пауза вообичаено се смета за помалку формална и пократка од примирје.